Македонија
16. May 2018 - 18:25

Кризната состојба на јужната и северната граница ќе се продолжи за шест месеци

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска даде согласност Собранието да донесе одлука за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница до 31 декември годинава, се со цел да се спречи евентуален наплив на мигранти.

Пратениците Горан Милевски и Павле Богоевски побараа од претставниците на МВР, МО и Центарот за управување (ЦУК) со кризи дополнителни информации зошто се продолжува оваа кризна состојба бидејќи, според официјалните податоци во транзитните центри во земјава има вкупно 167 мигранти. 

Последниве два месеци според заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу се забележани зголемен број обиди  за илегално преминување на македонската граница од мигранти.

Во последните две години, како што кажа, службите, пак, констатирале иста динамика на мигранти и опасност за влез во земјата. МВР, рече Нухиу, своите извештаи ги прави и врз основа на анализи и извештаи на Европол.

Директорот на ЦУК Агрон Буџаку појасни дека оваа одлука за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница треба да се донесе од превентивни причини.

- Се работи повеќе за превенција отколку за актуелна фактичка состојба, рече Буџаку.

Според него, има голем број илегални преминувања на мигранти преку нашата граница.

- Ние со нашите полициски сили, со нашата полиција, со локалната не можеме да се справиме со тие нелегални поминувања на границата и со тоа можат да профитираат луѓе што се занимаваат со трговија со луѓе кои ги пренесуваат мигрантите, кои се од различни страни, од Сирија, од воено жариште, но и од Авганистан и од Ирак, дури и од некои северноафрикански земји. Се работи и за економски и за луѓе кои мора да се проверат зарад безбедносни причини, рече Буџаку.  

Дополнително, додаде тој,  Армијата на Република Македонија (АРМ) не може да интервернира доколку не е прогласена кризна состојба, а полицајци на границата има и од земји на ЕУ. Не ја браниме само границата на Македонија туку и на Унијата. 

- Со самото ние покажуваме дека сериозно се справуваме со овој ризик и потенцијално голем ризик, се очекуваме во земјите од Блискиот и Средниот Исток многу големи немири кои дополнително може да се зголеми рутата, предупреди директорот на ЦУК. 

АРМ може да интервенира само ако е прогласена кризна состојба, предупреди заменик-министерот за одбрана Беким Максути.

- Мора да биде донесена ваква одлука за да имаме правен основ за да може АРМ да интервенира во случај на потреба, рече заменик-министерот, кој им предложи на пратениците пред следното продолжување на оваа одлука за шест месеци заеднички да ги посетат границите и полицајците кои работат на терен и ја обезбедуваат јужната и северната граница.

Од здравствен аспект ситуацијата во мигрантските центри каде што во јануари имало 49 лица, а во април оваа година 167 лица, според министерот за здравство Венко Филипче, е под контрола и не е констатиран никаков здравствен ризик. Мигрантските центри Винојуг во Гевгелија и Табановце во Куманово сега се под надлежност на здравствените домови во Куманово и Гевгелија, кои ја контролираат здравствената состојба на лицата кои таму престојуваат.

Според податоците на ЕК во април во Грција имало околу 5.000 мигранти, а сега се присутни околу 4.800 мигранти.

- Веројатно има одреден број од 400 лица кои најверојатно транзитирале низ Македонија. Одреден број во првите 24 часа се враќаат откако ќе им биде укажано дека после тој рок треба да аплицираат за азил, рече Филипче.