Фудбал
19. September 2016 - 9:47

Криза го тресе Динамо, оставка на Крањчар

Златко Крањчар повеќе не е тренер на фудбалерите на Динамо од Загреб. Крањчар поднесе оставка на функцијата веднаш по неделниот натпревар во Ријека, во кој домаќинот го декласира актуелниот првак со 5-2.
 
Крањчар, два месеци го предводеше Динамо, го наследи Зоран Мамиќ кој замина во Саудиска Арабија, успеа да се пласира во главната фаза во Лигата на шампионите, но по трите порази во низа (Осијек, Олимпик Лион, Ријека) реши да поднесе оставка.
 
„Ова нема врска со раководството, ова е лично моја одлука. Реков дека ќе заминам доколку не бидам среќен и задоволен. Повеќе не сум среќен, притисоците се преголеми. Логично е поради интересите на Динамо, кога моето присуство не е добредојдено, да си заминам и да му овозможам на некој друг да оствари резултат кој е важен за клубот“, рекол Крањчар.
 
Динамо по вториот пораз во првенството, трет во низа, се наоѓа на третото место на табелата во хрватскиот шампионат со 19 бодови, четири помалку од лидерот Ријека.
 
До именувањето на нов тренер, Динамо ќе го предводи досегашниот помошник на Крањчар, Жељко Сопиќ.