Македонија
5. August 2017 - 9:37

Кривопаланечките планинари го искачија Царев врв

И покрај високите температури, планинари од Крива Паланка органзиираа акција за искачување на Царев Врв.

Стартот беше од месноста Езерце до Султан Тепе.

- Повикот беше отворен за сите ентузијасти и љубители на планината, а  сепак десетина наши членови го искористија прекрасното време со температура околу 20 до 25 степени. Она што го согледавме при искачување на рутата, за жал, е дека зимската маркација која ја поставивме со сопствени средства е уништена. Украдени се десет столба од вкупно 26, изјави Соцко Тасевски од Здружението за планинарење и заштита на планината „Калин Камен".

Неодамна, додаде, била уништена и Кулата на Титов врв.

- Вандалите не мируваат ниту на Осоговските планини. Многу отпадоци и смет во должина на целата патека се оставени во последниот месец од страна на берачите на шумски плодови. Само за потсетување, два кубика смет собравме по истата траса лани во октомври кога и ја поставуваме маркацијата. Известена е полицијата и упатуваме апел до сите граѓани кои имаат какви било информации и за уништената маркација и за луѓето кои оставаат ѓубре по планината веднаш да не известат нас или полицијата или комуналното претпријатие од градот, порача Тасевски.

Во соработка со планинари од Куманово, членови на ЗПЗП Калин Камен ќе ја поминат рутата до Царев врв повторно. За 12 август е предвидена еднодневна акција на Вихрен.