Македонија
12. јуни 2020 - 16:40

Криволак ќе стане најдобриот тренинг центар на НАТО во Европа

Криволак, најголемиот македонски армиски полигон. Но, наместо воени вежби, на терен интензивно се работи на реконструкција на старата и изградба на нова патна инфраструктура. Целта е за четири месеци Криволак да стане најдобриот полигон за армиски вежби на НАТО на европскиот континент.

Обиколката започна со два армиски хеликоптери МИ-17.

На подобрување и проширување на капацитетите на воениот полигон работат многу искусни, но и неколку млади припадници на инженерскиот баталјон.

Еден од нив е Поручник Ненад Јордановски, офицер во родот Инженерија. Тој заедно со неговите колеги веќе цел месец живеат и работат на Криволак.

„Како млади инженерци, дојдени во родот Инженерија, со пристигнување на новата механизација за прв пат добивме шанса и можност да ја извршуваме нашата мисија, согласно нашите задачи и дадени насоки во инженерискиот баталјон. Со таа шанса што ни се укажа имаме голема прилика и можност да го збогатиме нашето искуство и да се развиваме како НАТО офицери во иднина, согласно нормативите и стандардите на повисоките армии, кон кои целиме”, вели Поручник Ненад Јордановски, офицер во родот Инженерија.

Во работна атмосфера нè пречека и Потпоручник Бојана Јованова, првенец на генерација, која веќе шест месеци е активен член на Армијата.

„За мене, како припадник на женската популација, навистина беше предизвик да го изберам родот Инженерија и да бидам овде на терен со инженериските машини. Но, не претставува никаков проблем да се носам заедно со машката популација рамо до рамо и да ги извршуваме инженериските работи тука”, вели Потпоручник Бојана Јованова.

До почетокот од ноември Криволак треба да добие обиколница, но и внатрешно патно поврзување со вкупна должина од 75 километри. Армијата работи со сопствени човечките ресурси и механизацијата.

„Во моментот ја изведуваме првата фаза на задачата. До сега, од почетната точка, некаде во реонот на раселеното место Танушевци, до оваа точка, Чешмедери, исто така раселено место, имаме пробиено околу 12 км пат некаде за околу 25 ефективни работни денови, што е доста добар учинок со оглед на тоа што ни е зададено да ја извршиме задачата”, вели Томе Пеев, Потполковник командант на инженериски баталјон.

Зголемениот капацитет на воениот полигон ќе овозможи истовремено, но со максимална безбедност, да се одвиваат неколку различни вежби.

„Со оваа инфраструктура ќе ја зголемиме мобилноста во рамки на полигонот, меѓутоа и ќе го зголемиме капацитетот за изведување на вежби, кои што навистина ќе бидат во ранг кој другите земји не го имаат, ниту пак може да си го дозволат. И јас очекувам дека ова ќе биде ресурс за нашата армија, ќе биде ресурс за НАТО, но ќе биде ресурс и за локален развој, бидејќи со можноста за изведување на големи вежби овдека ќе имаме и поголема потрошувачка и поголем интерес од страна на повеќе НАТО армии. Јас сум убедена дека оваа модернизација прв пат ќе може да ја видиме колку го зголемува капацитетот на Криволак следната година со најголемата европска вежба ДИФЕНДЕР, од кој еден дел ќе се одвова и кај нас”, вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Министерката за одбрана тврди дека ги презеле сите мерки за заштита и поголемата искористеност на Криволак нема да има штетно влијание врз животната средина. Во соработка со академската заедница, додека се изведуваат вежби на терен, постојано се следеле и сите параметри за животна средина.