Македонија
8. August 2016 - 12:47

Кривични пријави за вработени во Здравствен дом - Охрид

Полицијата поднесе кривични пријави против поранешниот директор на ЈЗУ „Здравствен дом“ од Охрид и раководителот на установата за економски работи, поради сомнение дека се сторители на казнени дела „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријава заработи и одговорниот за возниот парк во установата кој се терети за сторено казнено дело „несовесно работење во службата“.

Според СВР - Охрид, М.Д. (47) во текот на 2013 и 2014 година како директор на јавната установа заедно со второпријавената М.Н. (45), која во тој период била раководител за економски работи, од повеќе фирми во Охрид и од други градови набавиле техничка роба (лап-топ компјутер, мобилен телефон, фото апарат) во вредност од 208.583 денари, часовници и накит во вредност од 149.050 денари, фотоапарат со оптички зум и мобилни телефони во вредност од 45.890 денари, тренерки и 21 чифт обувки во износ од 133.792 денари и две влезни врати во вредност од 61.193 денари. На тој начин, двајцата пријавени ја оштетиле ЈЗУ „Здравствен дом“ Охрид со паричен износ од 598.508 денари.

Набавените производи не биле евидентирани во сметководствената евиденција, не била изготвена документација за прием, а фактурите од добавувачите биле целосно исплаќани од сметката на ЈЗУ„Здравствен дом“. При извршениот попис во листите, констатирано е дека стоката не е евидентирана и ја нема во просториите.

Од извршениот увид во фактурите од фирмите каде се купени производите, утврдено е дека сите фактури се потпишани од првопријавениот М.Д. кој лично ги подигнувал купените предмети. Од извршените контроли, констатирано било дека фактурите уредно се заведувале во влезната книга во ЈЗУ „Здравствен дом“ со потпис од второ пријавената М.Н., а потоа се чувале заклучени во нејзиното биро. Тука биле пронајдени при извршена финансиска контрола од ФЗО.

Третопријавениот Л.Р. (60) во периодот од 27.03.2014 година до 19.06.2015 година, во патните налози за службеното возило впишувал податоци за изминати километри многу поголеми од реалните, не водел уредна евиденција на бројчаната состојба на броилото на возилото што го управувал и истото заедно со прво пријавениот М.Д. го користел за приватни потреби.