Македонија
2. July 2016 - 11:54

Кривични пријави за скопјанец и за две Бугарки за џепни кражби

СВР-Скопје, Одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција Центар и Бит Пазар до надлежното Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против лицето Ѓ.С. (65) од Скопје и против лицата И.М.Е. (21) и М.Ј.Г. (57), бугарски државјанки, поради основано сомнение дека извршиле кривично дело „џепна кражба“.

Како што информира денеска МВР, се работи за два одделни случаи. Во првиот случај на пријавениот Ѓ.С. од страна на судија на претходна постапка одредена му била мерка притвор во траење од осум дена. Во вториот случај за двете бугарски државјанки, судија на претходна постапка им одреди мерка една година затвор, условно за три години, протерување и забранет влез во Република Македонија во времетраење од 10 години.

Според документираните сознанија, во првиот случај Ѓ.С. кривичното дело го извршил околу пладне на подрачје на Центар, на автобуската станица спроти хотелот „Холидеј Ин“. Искористувајќи ја гужвата при качување во автобус и невниманието на оштетениот, со протнување на рака во џеб од палтото му го одзел мобилниот телефон, со што се стекнал со имотна корист во висина од околу 3.000 денари.

Пријавениот веднаш по извршувањето на кривичното дело бил забележан од страна на инспектори од Одделението за имотни деликти и малолетничка деликвенција Центар и Бит Пазар, по што бил приведен во ПС ОН Центар. Со потврда украдениот мобилен телефон бил одземен и вратен на оштетениот. Ѓ.С. е познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти, за што од страна на СВР Скопје, во период од 2008 до 2014 година поднесени му се осум кривични пријави. 

Во вториот случај, бугарските државјанки го извршиле кривичното дело на 14 јуни годинава, околу пладне, во автобус кој се движел на релација од Зелен пазар до „Рекорд“. И.М.Е. и М.Ј.Г. го забележале оштетениот и искористувајќи го неговото невнимание и гужвата во автобусот, се доближиле до него. Додека второпријавената се туркала во оштетениот со цел да му го одвлече вниманието, првопријавената со протнување на рака во левиот џеб од пантолоните му го украла паричникот со пари и лични документи. Со тоа се стекнале со противправна имотна корист во висина од околу 5.000 денари.

При извршување на кривичното дело, пријавените биле забележани од страна на полициски службеници од ОИД-МД Центар и Бит Пазар. Откако се симнале од автобусот кај „Рекорд“, тие биле приведени во ПС ОН Центар. Со потврда, украдениот паричник им бил одземен и му бил вратен на оштетениот.