Македонија
15. May 2018 - 11:34

Кривични пријави за четири лица, меѓу кои и екс градоначалникот на Јегуновце

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против четири лица за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“, „соизвршителство“. 

Кривични пријави заработија Т.К. (50) од Скопје, Д.С.(42) од село Јанчиште, Р.М. (46) од село Беловиште и Д.К. (41) од село Туденце. Тие со извршените кривични дела го оштетиле буџетот на општина Јегуновце во вкупен износ од 5.661.354 денари.

Во периодот од 1 јануари до 30 октомври минатата година првопријавениот како градоначалник на општина Јегуновце во повеќе наврати им овозможил на вработените во општината да ставаат гориво во нивните приватни возила на сметка на општината. На тој начин го оштетил буџетот на општина Јегуновце за 214.515 денари.

Т.К. во периодот од 1 септември до 30 октомври 2017 година одобрил нарачки на бекатон плочки, од фирма од Тетово, кои потоа биле доставувани на повеќе физички лица, со што го оштетил буџетот на општина Јегуновце за 1.057.026 денари.

Во текот на 2017 година, првопријавениот, спротивно на Законот за јавни набавки одобрил јавни набавки во износ од 500 евра во денарска противвредност без да бидат оданочени со ДДВ, додека во повеќе наврати им овозможил привилегиран статус на четири фирми, кои вршеле набавки за различни потреби на општината, со што го оштетил буџетот на општина Јегуновце за 1.140.224 денари.

Во текот на 2017 година второпријавениот, како раководител на Одделот за финансии во општина Јегуновце и претседател на комисијата за јавни набавки, спротивно на Законот за јавни набавки, одобрил да се склучат повеќе договори со исти фирми, додека на други фирми, кои имале тендерска постапка, одобрил да им бидат исплатени парични средства и покрај тоа што од нивна страна не биле почитувани законските регулативи и како инвеститори не постапиле согласно проектите, односно не вршеле надзор за извршената работа и доставената роба. На овој начин второпријавениот го оштетил буџетот на општината за 3.176.679 денари.

Во периодот од 1 јануари до 30 октомври 2017 година третопријавениот како возач во општина Јегуновце не водел никаква евиденција за службените возила. Платежните картички за точење на гориво во службените возила ги распоредувал на вработени лица во општината. Исто така, тој набавувал делови и опрема за службените возила без склучен договор за вакви набавки. За подигнатата роба немал соодветна документација за тоа каде биле монтирани. На тој начин третопријавениот го оштетил буџетот на општина Јегуновце за 50.901 денари. 

Во периодот од 1 мај до 31 декември 2017 година четвртопријавениот како помлад соработник за заштита, спасување управување со кризи во општина Јегуновце вршел набавки на средства за хигиена и пијалоци за општината од фирма на која и истекол договорот со општината, додека платежната картичка за точење на гориво во службените возила ја користел за свои лични потреби. На овој начин четвртопријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 21.919 денари, за кој износ го оштетил буџетот на Општина Јагуновце.