Македонија
19. March 2016 - 12:36

Кривични пријави за бесправно градење во Карпош

Единицата за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против четири лица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправна градба“.

Како што информира МВР, станува збор за И.Н. (50), инвеститор, сопственик и управител на „Гротекс градба“ ДОО од Скопје, Ќ.М.(51) од Тетово, изведувач и сопственик и управител на „Матоши бау “ ДООЕЛ, М.М.(60), инвеститор, и Д.З.(69), надзорен орган.

Пријави се поднесени и против двете правни лица, Друштвото за градежништво и услуги „Гротекс градба“ ДОО експорт-импорт Скопје и Друштвото за производство, градежништво, трговија и услуги „Матоши бау“ ДООЕЛ експорт-импорт од Тетово. 

Пријавените физички и правни лица заклучно со 29.02.2016 година бесправно изградиле карабина за деловен простор и домување составена од приземје, пет спратови и потпокривен простор. 

Пријавените без склучен договор во име на правно лице за вршење надзор на објект и правните лица, постапувајки по претходен договор, во октомври минатата година, без да им биде издадено Одобрение за градба од надлежен орган, почнале со градба на објект за деловен простор и домување од втора категорија, лоциран на булевар „8-ми Септември“, на катастарска парцела за општина „Карпош“, кој заклучно со февруари годинава е изведен во фаза карабина.  

И.Н. и М.М. во својство на инвеститори, пред почнување со градежните активности, на 13.07.2015 година до Општина Карпош поднеле Барање за одобрување идеен проект по однос на што добиле Потврда за заверка на идејниот проект, изработен од правно лице од Скопје. Истовремено,  доставиле и барање за одобрение за подготвителни работи и организација на градилиште по кое Општина Карпош донела заклучок со кој се прекинала постапката за издавање на одобрението за подготвиелни работи, поради констатирани недостатоци на градилиштето. Поради тоа биле задолжени во предвидениот рок од 15 дена да ги отстранат предметните недостатоци. Но, бидејќи тоа не го сториле, Општина Карпош со Решение го одбила барањето за издавање одобрение за подготвителни работи.

Врз основа на одобрениот идеен проект и поднесеното барање за издавање одобрение за подготвителни работи на градилиште, И.Н. и М.М., на сметка на Општина Карпош прво авансно уплатиле надоместок за комуналии за градба во износ од 6.000.000 денари, а потоа авансно уплатиле надоместок за комуналии за градба во износ од 3.000.000 денари, иако се уште немале поднесено официјално барање за издавање одобрение за градење.

Пријавените, и покрај ваквите факти, склучиле Договор со „Матоши бау“, претставувано од Ќ.М., договарајќи се со Д.З. да биде надзорен орган на идната градба без да врши надзор како вработено лице во правно лице овластено за вршење надзор по што на 1.10.2016 година, согласно градежната книга за предметниот објект, почнале бесправна градба.

Со намера да обезбедат одобрение за градба од Општина Карпош, И.Н. и М.М. во својство на инвеститори, поднеле барање за одобрение за реконструкција, доградба и надградба на предметниот објект, приложувајќи кон истото документацијата за градба, во кое е донесен Заклучок од Општина Карпош со кое се прекинува постапката во рок од 15 дена, заради повторно констатирани недостатоци за самата градба.

По отстранувањето на недостатоците, со цел да им биде издадено одобрение за градење, техничката документација која била во согласност со основниот проект, ДУП, како и добиените согласности од сите релевантни институции биле доставени до Град Скопје и врз нивна основа, Град Скопје извршил пресметка на надоместокот за комуналии и тоа 13.706.098 денари за Град Скопје и 9.204.064 денари за Општина Карпош, кои инвеститорот на 25.12.2015 година во целост ги уплатил, за што од страна на Град Скопје им била издадена потврда, за да им послужи за издавање одобрение од страна на Општина Карпош, но и покрај тоа, одобрение не им било издадено.