Македонија
13. August 2015 - 13:15

Кривични пријави за албански државјанин и жител на Радолишта за обид за убиство

Струшката полиција поднесе кривични пријави против дваесет и двегодишниот албански државјанин Г.Б. и Д.З. (39) од струшкото село Радолишта поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „ убиство во обид“.

Кривичното дело, како што соопшти СВР Охрид, е сторено на 16 декември минатата година во 00:05 часот на локалниот пат Велешта-Октиси, при што со повеќе огнострелни рани во грбот, стомакот и екстремитетите се здобил А.С. (36) жител на селото Велешта.

- Настанот се случил во близина на неговиот дом кога тој излегувал од своето патничко моторно возило марка „Мерцедес“. Во моментот, од патничко моторно возило марка „Ровер“ без регистарски таблици паркирано во близина на неговата куќа, од совозачката страна излегол првопријавениот Г.Б. и испукал повеќе куршуми кон А.С. по што заедно со второпријавениот Д.З. кој го управувал возилото и со умисла помогнал во извршувањето на кривичното дело, веднаш избегале. Повредениот А.С. итно бил пренесен во општата болница во Струга, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

На местото на настанот бил извршен криминалистичко-технички увид при што биле пронајдени осум чаури калибар 7,65 милиметри, еден проектил, дел од проектил и други предмети, кои биле испратени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.