Македонија
23. September 2015 - 11:12

Кривична за прилепчанка која се претставувала како претседател на Конфедерацијата на синдикални организации

Четириесет и четири годишна прилепчанка заработи кривична пријава, и тоа поради основи на постоење сомнение за сторени кривични дела „измама“, „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „посебни случаи на фалсификување исправа“.

Пријавената М.В. на 8 јули годинава во хотелот „Бисер“ во Струга на одговорното лице му се претставила како претседател на Конфедерацијата на синдикалните организации на Република Македонија, при што потпишала договор за престој на 52 лица во хотелот во периодот од 14 до 19 август, услуга вредна 338.068 денари.

При потпишувањето на договорот пријавената на менаџерот на хотелот му приложила исправа со невистинита содржина односно тековна состојба на Конфедерацијата од февруари оваа година. Иако никогаш не била претседател, во име на Конфедерацијата, пријавената склучила договор на кој ставила печат од Здружението за развој и унапредување на земјоделието, со што извршила измама на одговорните во хотелот за содржината на исправата што ја потпишале.

Откако менаџерот на хотелот ја увидел измамата, на 52-те лица што се сместиле во хотелот им бил откажан престојот за кој, според нивни кажувања, претходно и биле исплатени пари на пријавената.