Македонија
23. April 2018 - 14:44

Кривична за градоначалникот на Чешиново

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани до Основното јавно обвинителств Кочани поднесе кривична пријава против К.Л.(40) од село Облешево поради постоење основи на сомнение дека сторил две продолжени кривични дела “злоупотреба на службената положба и овластување“ и “несовесно работење во службата“. Пријавениот во својство на службено лице, градоначалник на Општина Чешиново- Облешево искористувајки ја својата службена положба и овластување за време на својот мандат во четири случаи ја злоупотребил својата службена положба.

Имено, во првиот случај во периодот од 11.04.2013 година до 01.11.2017 година 39 пати ги управувал службените патнички моторни возила "Пежо 207" и "Шкода Октавиа" сопственост на Општина Чешиново – Облешево без патни налози и истите ги користел за патување во странство за приватни цели. Во вториот случај во периодот од 2014 и 2015 година во повеќе наврати ги пречекорил границите на своето службено овластување на тој начин што им овозможувал на лица вработени во општина Чешиново Облешево и други лица да полнат гориво од бензинската пумпа "Еуропетрол ДОО" Чешиново во нивните сопствени возила на сметка на Општината со што предизвикал дополнителна материјална штета во вкупен износ од 50.450 денари. Во третиот случај горепријавениот во четири наврати во текот на 2015 година давал наредба на лице вработено во Општина Чешиново Облешево да полни бензин во туби и истите да ги носи кај пријавениот на домашна адреса, за истиот да го танкира своето приватно возило со што предизвикал материјална штета во износ од 4.634 денари и во четвртиот случај ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што без да склучи договор за давање на донација донирал гориво од вкупно 113 литри во износ од 5.502 денари на Х.Р. наводно за одржување на патека за моторџии во село Уларци постапувајќи спротивно на Законот за донации и за спонзорство во јавните дејности оштетувајќи го Буџетот на општината во вкупен износ од 5.502 денари.

Инаку, во периодот од 2013 до 2017 година пријавениот во својство на градоначалник со повреда на законските прописи за совесно постапување при вршење на овластување им овозможил на вработените во општината, но и за себе, да се користат службените возила за приватни цели без при тоа да се води уредна евиденција односно патен налог за целта на патувањето и евидентирање на измината километража и потрошено гориво. Со службеното патничко моторно возило "Пежо 207" кое пријавениот го користел во првите три години од мандатот како негово службено возило за изминати 162.271 километри потрошени се 765.094 денари, пари од општинскиот буџет за гориво, додека пак со службено возило "Шкода Октавиа" се поминати 63.879 километри за временски период од околу една година односно од набавка на возилото ставање на истото во функција на општината на 19.10.2016 до 01.11.2017 година, при што се потрошени 151.121 денари за гориво , без при тоа да се состави ниту еден патен налог со што ќе се оправда патувањето на потрошеното гориво .

Со сите овие дејствиа К.Л. го оштетил буџетот на општина Чешиново –Облешево со вкупна сума од 976.801 денари.