Македонија
28. August 2015 - 13:01

Кривична пријава за тројца скопјани за тешка кражба

Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против лицата К.И. (38), Ј.С. (19) и 16-годишен малолетник, сите од Скопје поради основано сомнение дека сториле кривично дело „тешка кражба“.

На 15 овој месец во полициската станица Гази Баба, оштетениот Р.С. (73) од Скопје пријавил дека е извршена кражба во неговата куќа, во рамки на која се наоѓа вулканизерски сервис и деловни простории, во негова сопственост.

Како што соопшти денеска МВР, констатирано е дека од гардероберот во спалната соба од страна на непознат(и) сторител биле однесени 17.500 евра во различни апоени. Констатирано е и дека делото е извршено со употреба на сила и прекачување на сторителите преку прозорецот од кујната. Парите биле пронајдени и одземени без никакво претурање од гардероберот.

Од страна на полициски службеници на СВР Скопје превземени се активности. На 16 август на разговор биле повикани четири лица - К.И., Ј.С., малолетното лице и Ј.С. (33) кои биле вработени во вулканизерскиот сервис на оштетениот, а биле на работа претходниот ден од 8 до 16 часот кога се случило кривичното дело. 

Од направените разговори и преземените мерки констатирано е дека тројца од врабтените К.И., Ј.С. и малолетникот, по претходен договор, откако првопријавениот дознал каде оштетениот ги чува парите, го извршиле кривичното дело. Меѓу 8.30 и 9.30 часот додека оштетениот не бил во куќата, К.И. и Ј.С. чувале стража, а малолетникот, со употреба на сила се прекачил од прозорецот на кујната во куќата и се упатил кон спалната соба, каде бравата била заврзана. Откако ја одврзал влегол во спалната соба, ги пронашол парите ставени во ќеса и откако ги ставил под маицата повторно ја заврзал бравата и излегол надвор од куќата.

Парите, 17.500 евра или во денарска противредности 1.076.250 денари ги сокриле до камион ладилник, паркиран во дворот. По завршувањето на работното време, во 16 часот ги земале и се упатиле во домот на второпријавениот каде дел од парите поделиле меѓу себе, а дел 13. 880 евра ги сокриле во близина на неговиот дом. 

Во разговорот тројцата го признале делото, односно 13.880 евра и уште 800 евра, кои ги дале на друго лице. Парите се одземени и со потврда вратени на оштетениот, а остатокот или 2.820 евра ги потрошиле во кафулиња и во коцкарници, како и за враќање на нивни долгови.