Македонија
10. December 2017 - 11:04

Кривична пријава за скопјанец поради неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство-Скопје против И.С.(40) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ предвидено и казниво по чл.215 од Кривичниот законик на Република Македонија.

МВР соопшти дека пријавениот И.С. во текот на месец декември 2017 година неовластено, заради понатамошна препродажба, од засега непознато лице набавил и држел кај себе наркотична дрога хероин и смеса за зголемување на масата на хероинот. Пријавениот откако ги набавил хероинот и смесата за зголемување на масата на хероинот, ги чувал во својот дом, каде ги пакувал во помали полиетиленски паковки наменети за улична препродажба.

На 6 декември по претходно добиени оперативни сознанија и издадена судска наредба за претрес на дом и други простории, од страна на Единицата за недозволена трговија при Секторот за внатрешни работи-Скопје бил извршен претрес во домот на И.С. каде биле пронајдени една кутија во која имало 13 помали и една поголема паковка со прашкаста материја, две стаклени тегли во кои имало кеси со прашкаста материја, една кутија со пет кесички со прашкаста материја, дигитална вага и држач за СИМ картичка со остатоци од прашкаста материја. Пронајдените предмети биле одземени и со наредба од Основното јавно обвинителство - Скопје биле предадени на вештачење.

По извршеното вештачење било утврдено дека пронајдената прашкаста материја од пет пакувања со вкупна нето маса од 43,15 грама е хероин, прашкастата метерија од стаклените тегли со вкупна нето маса од 498 грама претставува мешавина од кофеин и парацетамол, додека трагите пронајдени на дигиталната вага и држачот за сим картичка претставуваат остатоци од хероин. Пријавениот И.С. бил лишен од слобода и во просториите на Единицата за недозволена трговија бил извршен службен разговор, при што го појаснил начинот на купопродажба на наркотичната дрога, информира МВР.