Македонија
24. November 2017 - 11:31

Кривична пријава за „перење пари“ со договор за купување огревно дрво

Шест лица и две фирми се осомничени за  кривично дело  „Перење пари“ со кое, според пријавата, противправно присвоиле 3.650.000 денари,  преку договор за продажба на огревно дрво. Договорот бил склучен помеѓу прилепската фирма „Прлица“, како продавач, и синдикалната организација на Фени Индустри од Кавадарци, како купувач, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Кривична пријава породаи постоење основи на сомнение за кривично дело „перење пари“ СВР Битола и надворешната канцеларија за кривични работи  при Полициската станица Прилеп до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе  против И.К. (41) од Прилеп, Ј.Х.(34) од Крушево, Д.Б.(45) од Скопје, С.Д. (64) од Битола, Н.Д. (29) од Велес, Г.Н. (43) од Прилеп и против правните лица „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп и „Дејо Интернационал“ ДООЕЛ Скопје. 

Пријавениот И.К. во својство на прв основач и управител на фирмата „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп, заедно со Ј.Х. сопственик на фирма која се занимава со трговија на огревно дрво од Крушево, во првиот квартал на оваа година склучиле договор за продажба на огревно дрво помеѓу фирмата „Прлица“, како продавач и синдикалната организација на Фени Индустри од Кавадарци, како купувач.

Со договорот, соопштува МВР, продавачот се обврзал да испорача 2.800 метра кубни дабови дрва од прва класа и 700 метри кубни бука прва класа, додека пак купувачот се обврзал да плаќа редовно на шест еднакви месечни рати. Паричните средства за првите три рати, кои биле уплаќани на жиро сметката на првопријавената фирма, веднаш биле извлекувани, паралелно со нивниот прием и без какво било реално покритие дека фирмата имала какво било работење. Фирмата немала никакво работење пред и после договорот со синдикалната организација на Фени Индустри, немала какви било средства за работа, ниту склучени договори за набавка на огревно дрво.

Исто така, првопријавената фирма немала деловни односи со второпријавената фирма „Дејо Интернационал“ од Скопје, преку која пак противправно биле извлечени паричните средства од втората рата извршена од синдикалната организација на „Фени индустри“- Кавадарци. По исплатените три рати на сметка на ДООЕЛ „Прлица“ во висина од 3.650.000 денари продавачот на 13 мај годинава го известил синдикатот на Фени дека не е во можност да ги обезбеди договорените количини ногревни дрва.

- Пријавените лица И.К., Ј.Х., како и Д.Б. сопственик на второпријавената фирма, Н.Д. управител во првопријавената фирма, Г.Н. во својство на книговодител на пријавените фирми, но и на фирмата од Крушево, и С.Д. пензионер кој што ја ставил својата лична трансакциска сметка во функција на противправните активности - имале за цел - со вршење трансакции да се извлечат паричните средства од сметката на „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп (фирма која не е регистрирана за вршење на таква дејност), а прибавени од договорот за набавка на огревни дрва и да се прикрие патот по нивното подигнување, се вели во соопштението.

Од страна на Фени Индустри во Основното јавно обвинителство Велес бил поведен судски спор. Пријавените, секој во својот домен, примале и вршеле пренос на парични средства со цел да ги прикажат трнсакциите помеѓу себе како тековни активности на фирмата „Прлица“ ДООЕЛ Прилеп. На таков начин, наведува МВР, извлекле и противправно присвоиле парични средства во вкупен износ од 3.650.000 денари.