Македонија
10. November 2015 - 13:53

Кривична пријава за напаѓачите во инцидентот во Клинички центар

СВР Скопје до надлежното Основно Јавно Обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против И.Н.(34) од Скопје поради постоење основи на сомнение за извршени кривични дела „убиство во обид“ и „недозволено држење оружје или распрскувачки материи“ како и против А.К.Н.(36) исто така од Скопје, поради постоење основи на сомнение за извршени кривични дела „соизвршителство“, „насилство“ и „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“, за вчерашниот инцидент во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Како што соопшти денеска МВР, кривичните дела, пријавените ги извршиле  во 9 часот и 10 минути во просториите на одделението за Дигестивна хирургија во клиничкиот центар. Повод за инцидентот била смртта на нивната мајка, која била пациентка на докторот во кого еден од пријавените пукал.

Завчера И.Н. и А.К.Н ја однеле нивната мајка на одделението за дигестивна хирургија поради големи болки во пределот на стомакот, каде каде била примена од страна на докторот во кој било пукано, бидејќи и претходно таа била негов пациент. Тој им кажал дека ќе изврши оперативен зафат. По извршениот оперативниот зафат, за тоа телефонски бил известен првопријавениот, а вчера од страна на медицинскиот персонал, по извршената утринска проверка на пациентите, било констатирано дека пациентката починала, за што биле известени двајцата пријавени.

Веднаш откако дознал дека неговата мајка починала, И.Н. од дома го зел пиштолот и се упатил кон клиничкиот центар каде на влезот во ургентен центар се сретнал со неговиот брат А.К.Н. и заедно се упатиле на одделението за дигестивна хирургија. Првопријавениот поминал покрај обезбедувањето и влегол на одделението, а неговиот брат откако бил сопрен на вториот спрат од вработениот во обезбедувањето, го удрил со тупаници неколку пати по што продолжил да се движи кон третиот спрат.

И.Н. на пултот од влезот во одделението за дигестивна хирургија, од дежурната сестра побарал да му каже каде е докторот, која го информирала дека е на брифинг кај шефот на одделението. По кратко време докторот се појавил во ходникот каде што бил забележан од страна на И.Н. кој му се обратил и побарал да разговара со него, по што заедно се упатиле во лекарската соба.

Во истиот момент пристигнал и второпријавениот кој заедно со нив влегол во лекарската соба. Внатре без никакво предупредување, И.Н. од палтото го извадил пиштолот и испукал неколку проектили во правец кон докторот, при што со три проектили бил погоден во левата нога. По ова, И.Н. и А.К.Н. излегле во ходникот и почнале да викаат и да му се закануваат на присутниот медицински персонал, дека ќе пукаат и кон нив и во еден момент второпријавениот од пултот земал работен стол–фотелја и ја фрлил најпрвин во стаклената врата која водела кон влезот на лекарската заедничка просторија, а потоа ја фрлил и кон стаклената врата од влезот кон одделението за дигестивна хирургија, по што и двајцата побегнале.

Од страна на полициски службеници од ЕПОИ-АЛФА како и од страна на полициски службеници од ПСОН „Центар“ пријавените биле забележани во КЦ „Мајка Тереза“ по  биле лишени од слобода и задржани во полициска станица.

На местото на настанот увид извршила екипа од СВР – Скопје, а во присуство на дежурен јавен обвинител. Од местото на настанот биле подигнати траги и предмети, кои со потврда за привремено одземени предмети се одземени и предадени за анализа.

Во просториите на ПСОН „Кисела Вода“ бил извршен разговор со И.Н. и А.К.Н. во кој во целост го појасниле начинот на извршувањето на горенаведените кривични дела. Инаку, второпријавениот е познат сторител на кривични дела и во претходниот период против него е поднесена една кривична пријава за извршени две кривични дела „тешка кражба“.