Македонија
28. јуни 2018 - 12:36

Кривична пријава за две вработени во Управата за водење матични книги

 Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против струмичанките Ф.М.(32) и С.Н.(35), поради постоење основано сомневање дека првопријавената сторила кривично дело „Несовесно работење во службата“, додека второпријавената сторила кривично дело „Поттикнување“, соопштија денес од струмичката полиција.
 
Според СВР Струмица второпријавената на 27 декември 2016 година склучила договор со Министерството за правда-Управа за водење матични книги Скопје, за извршување на работни задачи во матичниот регистар за реализација на проектото е-матичен регистар, за период од 1 јануари до 31 декември 2017 година. Согласно договорот второпријавената отпочнала со работа од 1 јануари 2017 година. Но, од 1 февруари лани останала на породилно отсуство. Второпријавената и покрај тоа што прекинала да оди на работа за шест месеци добивала паричен надоместок согласно договорот кој бил во сила и за наведениот период и биле исплатени вкупно 30.000 денари.
 
- Првопријавената Ф.М., во својство на овластен потписник во Управата за водење матични книги-Подрачно одделение Струмица, со искористување на својата службена положба, односно со неизвршување на својата службена должност за известување отсуството од работа на второпријавената С.Н., писмено не ја известила Управата за водење матични книги Скопје-Одделение за човечки ресурси, со што овозможила договорот за работа да остане во сила уште шест месеци (февруари- јули) за што на второпријавената и биле исплаќани парични средства-месечен надоместок од по 5.000 денари, или вкупно 30.000 денари, се додава во соопштението на СВР Струмица