Македонија
31. December 2016 - 14:05

Кривична пријава за двајца скопјани за „тешки кражби“

Секторот за внатрешни работи- Скопје поднесе кривична пријава против А.А.(37) и Б.П. (28), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени осум кривични дела „тешки кражби“. Притоа лицата се стекнале со противправна имотна корист од околу 241.616 денари. 

Како што соопшти МВР, за сторените кривични дела на лицата од страна на судија на претходна постапка одредена им е мерка одземење на патните исправи и задолжително јавување на надлежен орган.

Пријавените ги извршиле кривичните дела во периодот од 6 јуни до 21 ноември годинава на подрачјето на Скопје. Лицата биле вработени во фирма која како концесионер изведувала работи на одржување на предаватели и базни станици на телекомуникациски оператор. Го искористувале оригиналниот клуч, кој го должел првопријавениот А.А. и отворале повеќе метални ормари на базни станици на повеќе локации на подрачјето на Град Скопје. Извршиле демонтирање на акумулатор-батерии, кои ги одзеле, а подоцна ги продале.

На 9 декември 2016 година, по претходно добиена наредба од судија на претходна постапка, полициски службеници од Одделението за имотни деликти Гази Баба извршиле претрес на деловен простор-магацин, сместен во поранешната фабрика „Газела“. Пронашле 196 акумулатор-батерии разни марки, кои со потврда биле одземени. Истиот ден во ПС ОН Гази Баба бил извршен разговор со сопственикот на магацинот, кој појаснил дека пријавените лица, по претходен телефонски договор за откуп на предметните батерии, во повеќе наврати му носеле на продажба од истите батерии при што тој им ги откупувал во готово по цена од 900 денари по парче.

Во ПС ОН Гази Баба биле повикани и службени лица од оштетените компании, кои во магацинот извршиле препознавање на акумулаторските батерии и кои потврдиле дека потекнуваат од базните станици лоцирани на територија на Република Македонија. Со потврда, акумулаторските батерии им биле вратени.

На 22 декември 2016 година извршен бил и претрес во домовите на пријавените лица, меѓутоа не се пронајдени акумулаторски батерии од кривични дела. 

Лицата А.А. и Б.П. се регистрирани сторители на кривични дела од областа на имотните деликти за што од страна на СВР Велес и СВР Скопје им се поднесувани повеќе кривични пријави.