Македонија
30. July 2019 - 16:39

Кривична пријава за 67 годишен скопјанец поради заканувачки Фејсбук коментар кон премиерот

Шеесет и седумгодишен скопјанец заработи кривична пријава поради закана упатена директно кон премиерот Зоран Заев.

Кривичната пријава за загрозување на сигурноста по пат на информатички систем ја поднел Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика. Пријавениот на 25-ти јули, на социјалната мрежа Фејсбук, преку своето корисничко име, објавил коментар со заканувачка содржина кон премиерот Заев, соопшти МВР.

Шефот на македонската влада ја обелодени заканата минатата недела од собраниска говорница, по средбата со еврокомесарот Хан, кога соопшти дека добил предупредувачка порака преку социјалните мрежи.

„Само куршум за тебе копиле, кој со мерак ќе ти го свирнам без око да ми трепне“, гласела пораката упатена кон Заев, која тој им ја прочита од својот мобилен телефон на пратениците во Собранието.

Заев тогаш рече дека се знае идентитетот на човекот кој ја напишал пораката и дека случајот е пријавен во МВР.

Информираше дека заканата му ја препратила неговата ќерка.

За загрозување на сигурноста Кривичниот закон предвидува парична казна или казна затвор до шест месеци.