Македонија
23. April 2018 - 19:33

Кривична пријава против поранешниот градоначалник на општина Чешиново-Облешево

Кочанската полиција му поднесе кривична пријава на поранешниот градоначалник на општина Чешиново- Облешево заради злоупотреба на службената положба и несовесно работење. Во текот на неговиот мандат, 39 пати полнел  гориво во службените возила, Пежо и Шкода - Oктавија и ги користел за приватни цели за патување во странство. Исто така, на вработени во општината и други лица им овозможувал да полнат гориво во своите приватни возила.

- Во третиот случај, горе пријавениот во 4 наврати во текот на 2015-та година, давал наредба на лице вработено во општина Чешиново-Облешево да полни бензин во туби и истите да ги носи кај пријавениот на домашна адреса, за истиот да го танкира своето приватно возило-изјави ГОРДАНА ПАНАЈОТОВА, ПОРТПАРОЛ НА СВР-ШТИП

Градоначалникот давал гориво и како донација за одржување на стаза за моторџии во с. Уларци, без притоа да склучи договор. Со сите незаконски дејствија, за кои го терети полицијата, поранешниот градоначалник го оштетил општинскиот буџет за близу 1 милион денари.