Македонија
12. August 2016 - 14:54

Крива Паланка активно вклучена во акцијата за санирање на последиците од поплавите

Кривопалачнани се веќе трет ден  на терен за помош на населението во најтешко погодените места од поплавите во Скопско, информираат од Општина Крива Паланка.

Во село Стајковци се испратени 35 работници од ЈП „Комуналец“ и ЈП „Македонски шуми“ Подрачната единица-Шумско стопанство Осогово, Крива Паланка, кои се распоредени во три екипи.

Екипите се составени од работници, водоинсталатери, бравари и од друга специјалност, опремени со неопходниот работен материјал и заедно со армијата, полицијата, волонтерите и сите други учесници му помагаат на населението во расчистувањето на теренот. Од Општина Крива Паланка се упатени и лиценцирани проценители вработени во Општината кои даваат помош во проценка на штетите настанати од невремето. 

Од Општината информираат дека на терен вчера бил и градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, кој заедно со пратеничката во Собранието на Република Македонија, Слаѓана Митовска, го посетил село Стајковци кое е тешко погодено со поплавите и активно се вклучиле во расчистувањето на штетите.

Инаку, Советот на Општина Крива Паланка на вонредна седница на 8 август 2016 година донесе одлука за доделување финансиска помош од 300.000 денари за санирање на последиците од поплавите во Скопје и Тетово од 6 август 2016 година.