Македонија
27. September 2021 - 16:51

Критика за домашната и меѓународна политика на земјава од поранешните претседатели Црвенковски и Иванов

Силни критики за политичката состојба во државата од поренашените претседатели Иванов и Црвенковски. Велат, и по тридецениска независност отсуствува демократијата, а се полоша станува и економската состојба.. Според, Црвенковски, Македонија е корумпирана земја, длабоко поделена каде изборите се гледаат како гладијаторска борба.

„Во корумпирана држава нема еднаквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството. Во корумпирана држава нема фер пазарна економија каде ќе одлучува квалитетот, а не „подмачкувањето онаму каде што треба“.Во Македонија не е можно да се изгради консензус околу ниту едно стратешки важно прашање. Политичките партии меѓусебно не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели кои треба да се уништат не бирајќи средства“, изјави Бранко Црвенковси, Поранешен претседател на државата.

За Црвенковски, спорно е што државата нема план „Б“, доколку ЕУ одлучи да нема понатамошно проширување. Вели, земјата мора да најде алтернатива за развој и без членство во Унијата. Повика на обединување преку формирање национална платформа која ќе обезбеди сигурна иднина и без полноправно членство во ЕУ.. Според Црвенковски, документот од Преспа иако не бил идеален, затворил тешко прашање, но како што вели, договорот со Софија ја отоврил Пандорината кутија.

„Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен“, вели Црвенковски.

И според Ѓорѓе Иванов, двата договори ја отвориле Пандорината кутија, па сега секој добил право да го негира постоењето на македонскиот народ. Вели, со договорот од Бугарија, ќе се задоволи само бугарската страна.

„Како Претседател на Република Македонија, често предупредував за она што сега ни се случува. Предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ. Бидејќи, без македонски народ, македонкси идентитет, македонски јазик,  нема ниту македонско прашање. Со други зборови,  прашањето за идентитетот ќе се реши со неговото поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се трудат да ги турнат во правна, во политичка и историска бездна. Пандорината кутија е отворена, сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се  преминува. Предупредував дека со спогодбата од Преспа се става крај на Република Македонија и затоа ниту учествував ниту го потпишав“, изјави Ѓорѓе Иванов, Поранешен претседател на државата.

За сегашниот претседател, Пендаровски, со документот од Преспа, државата остварила видлив напредок без да се загрози македонскиот идентитет. Во Договорот со Бугарија, гледа пример за приближување, но како што вели, националните интереси нема да трпат по цена на добивање датум за преговори со ЕУ.

„Не очекувам негативни ефекти ниту во фазата на негова целосна импелементација, затоа што е познато дека во таа смисла за нас воопшто не постои маневарски простор. Имено, ако ја изгубиме нацијата, не ни треба евроспката интеграција. Неодмана усвоеанта собраниска декларација го потврдува широкиот политички консензус по тоа прашање“, вели Стево Пендаровски, Претседател на државата.

Сегашниот и поранешните претседатели како и претставници од кабинетите на Трајквоски и Глригоров, на едно место ги собра МАНУ по повод 30 годишнината од независноста..