Свет
22. February 2018 - 13:33

Кремљ: Тие што ги поддржуваат терористите се одговорни за ситуацијата во Источна Гута

Тие кои ги поддржуваат терористите во сирискиот регион Источна Гута се одговорни за тамошната ситуација, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков одговорајќи на обвиненијата од Вашингтон дека за нападите во кои цели се цивили, одговорни се Дамаск и Москва.

- Ниту Русија, ниту Сирија, ниту Иран не се меѓу тие земји, но тие се оние кои одлучно се борат против терористите во Сирија, посочи Песков.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс денеска ги обвини Москва и Дамаск дека гаѓаат цивилни цели во Источна Гута и побара, посебно Русија и нејзините партнери, да ги почитуваат преземените обврски за зоните за деескалација.

Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја синоќа побара да биде одржана сеница на Совет за безбедност на Обединети нации, на која ќе се разгледува ситуацијата во Источна Гута.

Источна Гута е под контрола на бунтовниците, но и под опсада на сириските сили за безбедност. Источна Гута е една од зоните за деескалација, според договорот на Русија, Иран и Турција, кои се гаранти на сирискиот прекин на огнот.

Сириските владини сили ги интензивираа воздушните напади врз Источна Гута во неделата, а според невладината организација Сириска опсерваторија за човекови права соопшти дека од неделата до вчера убиени се најмалку 260 луѓе. Воздушните напади ги осуди меѓународната заедница, а Дамаск посочи дека цел на нападите се екстремистите.

Во Сирија веќе седма година трае граѓанската војна.