Македонија
6. October 2020 - 16:38

Креативност за поздрав: Наставничка направи возен парк во училницата и ги испочитува ковид мерките

Наставничка од Струмица на креативен начин ги едуцира децата од нејзиното одделение како да држат дистанца и да ги почитуваат пропишаните протоколи. Целата училница на второ 1 во училиштето Никола Вапцаров претставува возен парк, а на секое столче на кое седат децата симболично има паркирано по едно возило. Додека трае наставата, секое дете седи во своето возило и го држи потребното растојание. Во реализацијата на оваа идеја одделенскиот наставник Билјана Гунова помош добила и неколку родители кои заедно со неа работеле цел викенд на подготовката на возилата.

„Морам да признаам дека идејата е позајмена, значи ја гледав на интернет. Некаде во Америка беше направена со некои слични возила и ете јас решив исто и мојата училница да ја украсам. Значи секое возило претставува оддалеченост, односно растојание и катче за секое дете. Значи во училницата имаме вакви 16 возила, односно 16 за прва група, 16 за втора група бидејќи во одделението има 32 деца. Тоа значи дека секое дете ќе си биде во своето возило, нема да го менува и ќе држи растојание“, вели Билјана Гунова оделенски наставник.

Иако мали,  децата веќе добро знаат како да се заштитат од корона вирусот. Уште на самиот влез во училницата прво се дезинфицираат, а дури потоа седнуваат на своето место или како што сега ги викаат нивните возила.

За да бидат сите деца рамноправни за секое од нив наставничката обезбедила идентични визири и маски со мотиви од цртаните филмови. Во меѓувреме поканила и лекар кој ги информирал што е корона вирусот како се пренесува и што треба да направата за да се заштита од истиот.