-->
-->
Кратово – градот на кули и мостови, дестинација на бројни странски туристи
-->
За некого одмор се море, лето, сонце, плажа, за некого тоа е несекојдневна дестинација, богата историја, место со приказна и вредност што е непроценлива. Оттука Кратово, еден од градовите што во сите годишни времиња е интересно и неодминливо место за странските посетители, место што секогаш привлекува внимание, особено ако ве угости лице домаќин кој за секој сокак ќе има што да ви каже.
Лиде Стојановска од Кратово е лиценциран туристички водич, чија специјалност е родното Кратово. Таа раскажува дека во околината на Кратово обично се посетува локалитетот Камени кукли во селото Куклица – најпосетуван локалитет во регионот.
– Во градот турата ја започнуваме со повеќевековните борови во градскиот мини парк „Карши бавча“, Музејот на Град Кратово, Грофчанскиот мост. Кратово е веројатно единствениот град каде што може да влезете во три реставрирани средновековни кули: Симиќева кула, Златкова кула и Саат-кула. Со овие три кули управува Музејот на Град Кратово и преку недела може да се влезе во нив во работното време. За викенд Саат-кулата е отворена за посетители од 10 до 16 часот. Од другата страна на реката има уште три кули, една од нив до половина срушена. Овие кули чекаат подобри времиња кога би се реставрирале и би им се нашла некоја соодветна примена, можеби како сместувачки капацитети. Зар не би било навистина интересно да можеме на туристите да им понудиме да се сместат во кула од 14 век, вели Лиде, како што сите ја знаат во родното Кратово.
Прошетката низ мистичното Кратово продолжува низ Јокширскиот мост, Чаршискиот мост, познатиот Радин мост и најмалиот мост од овие средновековни мостови, Аргуличот мост.
– Она што го прави посебно Кратово се подземните ходници, кои некогаш, многу одамна, ги поврзувале кулите. Сега постои можност да се влезе во еден ваков подземен ходник. Религијата била и е важен сегмент во Кратово, така што во градот може да се видат три цркви. Една посветена на заштитникот на градот – свети Ѓорѓи Кратовски, најстарата црква во градот посветена на свети Никола Чудотворец и најголемата посветена на свети Јован Претеча. Како и македонскиот бисер Охрид, и древното Кратово има голем број куќи што ја отсликуваат староградската македонска архитектура. Некои од нив се приспособени за сместување посетители, раскажува Лиде.
За авантуристите, околината на Кратово нуди голем број можности. Можат да се посетат локалитетите Цоцев камен во селото Шопско Рударе и археолошкиот локалитет Транупара, Големо Градиште во селото Коњух, кој бил втор по значење, по Скупи, во римската провинција Дарданија.
– Голем број туристи го посетуваат Кратово во текот на целата година. Постетители има од повеќе европски земји, како што се Шпанија, Полска, Бугарија, Швајцарија, Австралија, Белгија. Исто така, има голем број туристи од САД. Не смееме да го занемариме и бројот на домашни туристи кои го посетуваат Кратово, меѓу кои голем дел доаѓаат во текот на зимскиот период за да уживаат во кратовскиот специјалитет – пастрмајката. Сите овие туристи се презадоволни од тоа што тука може да се види и што може да се слушне од лиценциран туристички водич. Најголем дел туристи се изненадени затоа што Кратово нуди многу повеќе од тоа што тие имаат слушнато или прочитано на интернет. Воодушевени се што можат да влезат во кула од 1365 година, да влезат во подземен ходник што ги поврзувал кулите. Интересно им е да слушнат дека според германски генерал, Кратово е крајот на светот. Со голем интерес ги слушаат легендите што кружат за градењето на мостовите, легендата за посадувањето на боровите, за „Веселата свадба“, приказните за занаетчиите во Ајдучката чаршија, животот на кратовскиот револуционер Јосиф Даскалов, како и познатиот македонски гемиџија роден во Кратово – Павел Шатев. Прекрасно е да се видат задоволните лица на гостите кога ќе се качат на балконот на Саат-кулата, каде што го имаат Кратово на дланка, ни кажа Лиде, како добар водич и домаќин, шетајќи нè низ сиот овој раскош на монументи – трајни чувари на историјата на градот.
Кратово и околината изобилуваат со голем број природни реткости и убавини кои, како што се надеваат познавачите, наскоро ќе станат дел од геопарк што ќе биде заштитен од УНЕСКО и сето тоа ќе овозможи голема промоција на Кратовско во светски рамки.
– На голем број луѓе од Македонија не им се верува дека во овој мал град може да се направи пешачка тура од два и пол или три часа за да можат да се видат сите убавини на градот музеј на отворено, нагласи Лиде, канејќи ги сите кои досега не биле гости во градот населен на вулкански кратер да го посетат Кратово и да поминат еден поинаков, исполнет ден, за кој ќе им раскажуваат и на другите.
-->
-->
-->
Ново на Сител
-
Диви свињи ги уништуваат нивите на брегот на Охридското езеро
-
Штипските студенти од УГД ќе можат да студираат во Европската Алијанса на Универзитети
-
Преглед на вестите од светот
-
Институциите пред тест по проширувањето на црната листа
-
Тема на денот со Столе Наумов
-
Пулмологија полна – Загадениот воздух причина за повеќе пациенти со компликации
-
Донација од Прилепска пиварница
-
Прво подготвителна седница па конечна одлука - Уставен следната година ќе одлучува за законот за јазици