Македонија
15. May 2019 - 16:18

Краткометражниот филм „The Sign“ на Венинова на програмата „Cannes Directors“ на Канскиот филмски фестивал

Краткометражниот филм на Елонора Венинова „The Sign“ ќе биде прикажан денеска во 16.45 часот на програмата Cannes Directors на 72.издание на Канскиот филмски фестивал. „The Sign“ е еден од петте краткометражни играни филмови снимени како дел од проектот South European Factory кој е реализиран според концептот La Factory, основан од Dominique Welenski и Directors Fotnight.

Ова е првата од низата значајни активност за промоција на нашата кинематографија организирана од Агенцијата за филм на Северна Македонија која на ова фестивалско издание е присутна со свој штанд на павиљонот за Југоисточна Европа со број 133.

Како што соопштија од Агенцијата за филм, македонскиот павиљон веќе предизвикува внимание кај посетителите од филмската уметност и филмската индустрија кои на овие павиљони поставени покрај канската ривиера имаат можност да разменат искуства и да договорат идни соработки.

Од минатогодишните промотивни активности произлезе и соработката со Southeast European Factory која го донесе филмот на Венинова на проекција во Кан.

-Освен тоа сосема извесно станува дека барањето за членство на Агенцијата за филм да стане дел од Асоцијацијата на директорите на европските филмски агенции ќе биде прифатено на Генералното собрание што ќе се одржи во Кан, се наведува во соопштението.

Филмскиот маркет на 17 мај во 18 часот ќе биде резервиран за проекција на филмот „Незаборавна пролет во заборавено село“ во режија на Куштим Бектеши, копродукција меѓу Македонија, Косово и Албанија.

До крајот на Канскиот филмски фестивал домашната продукција ќе се промовира и со третата работилница за развој на сценарија на која и претходеа оние во Стредин, Полска и во Берлин за време на Берлинскиот филмски фестивал каде што ќе учествува новиот филмски проект на режисерот Вардан Тозија насловен „М“ кој е во фаза на предпродукција.

Македонскиот деск на МЕДИА односно раководителската Бистра Георгиева ќе учествува на Европскиот филмски форум „Европски таленти: зајакнување на креативниот потенцијал“ каде што ќе се договараат меѓусебни соработки.

Инаку, Канскиот филмски фестивал беше отворен синоќа со проекцијата на новиот филм на режисерот Џим Џармуш „Мртвите не можат да умрат“.

Гламурозно, но и крајно софистицирано со традиционално претставување на жирито и моќно обраќање на режисерот Алехандро Ињариту, беше одбележана церемонијата за отворањето на 72. издание на Канскиот филмски фестивал. Честа да го отворат фестивалот оваа година му беше доверена на еден од најмаркантните актери Хавиер Бардем и на актерката Шарлот Гензбург.

На големото платно беа прикажани и сцени од импресивниот опус на Иањариту. Фактот што овој голем режисер претседава со седумчленото жири, а исто така еден од одлучувачите за „Златната палма“ е еден од водечките режисери Павел Павликовски, изборот од 21 филм на главната селекција се очекува да биде повеќе од сериозен.

Делумно шармантно, но со остра порака Ињариту ги коментираше плановите на американскиот претседател Доналд Трамп што се однесуваат за затворање на границата со Мексико. Според него, ваквите политички сценарија вообичаено знаеме како завршуваат.

По церемонијата беше прикажан најновиот филм на режисерот Џим Џармуш, „Мртвите не можат да умрат“. Вообичаено во манирот на Џармуш, овој филм е саркастичен коментар на мртвилото и робувањето на здодевните навики на луѓето. Дејствието е сместено во мал американски град каде што локалниот полицаец ќе треба да се соочи со битка со немртвите-зомбија.

На црвениот килим вниманието најмногу го предизвика Бардем, но љубопитните посетители од целиот свет френетично ги поздравија и Џармуш и актерката Тилда Свинтон.

Атмосферата пред отворањето во текот на целиот ден на канската кроазета ја подгреваа раздвижени филмаџии од целиот свет кои во матичните павиљони поставени во должина на славната улица имаат можност за средби, а националните кинематографии можат да ги изложат своите нови проекти и да се конектираат за најразновидни копродукции и да истражуваат можности за соработка во филмската индустрија.

Заштитно лице на годинешната канска смотра е неодамна починатата француска режисерка Ањес Варда.

До крајот на фестивалот се очекува во Кан да пристигнат филмските звезди Квантин Тарантино чиј филм е во трка за Златната палма како и акатерите Леонардо Дикаприо, Бред Пит, Изабел Ипер и музичарите Иги Поп, Том Вејтс, Елтон Џон и Боно Вокс.