Бизнис
21. January 2021 - 12:32

Ковид пандемијата остави сериозни последици врз економијата во Штип

Ковид пандемијата ја преполови штипската економија. Бизнисмените не можат да кажат колку е тоа во апсолутна бројка, но емпириските сознанија говорат дека најпогодени се трудоинтензивните дејности, односно текстилната и кожарската индустрија. 

Некаде 30 до 40 %, а некаде и до 50 % е намален комплетниот физички и финансиски прилив на средства во компаниите, изјави Иле Николов, стопанственик од Штип.

Локалната самоуправа и бизнис секторот формираа Советодавно тело за економски прашања, кое ќе има за цел да го поттикне економскиот раст во градот и источниот регион, со отворање на нова индустриска зона, каде приоритет ќе имаат домашните компании.

- Индустриска зона за македонските компании, коишто директно своите финансии ќе ги вложуваат повторно во општината, изјави Сашко Николов, градоначалник на Штип.

- Имаше веќе конкретни барања за релативно поголеми квадратури на земјиште од 15 000 - 20 000 - 30 000 метри квадратни за изградба на нови индустриски капацитети, што е за поздравување. Единствено преку тоа го гледаме развојот на градот, нови вработувања и задржување на нашите млади, додаде Иле Николов.

Интересен е фактот што се повеќе конфекционери се заинтересирани за градежно земјиште каде ќе градат производствени погони за алтернативни бизнис решенија и преориентирање кон високо профитабилно производство.