Македонија
16. April 2021 - 12:35

Ковид центарот во Штип троши повеќе од 1 тон кислород дневно

Најголем дел од хоспитализираните во штипскиот Ковид центар се постари пациенти на возраст помеѓу 60 и 75 години. Во моментот 45 пациенти се на постојана кислородна поддршка и се со тешка клиничка слика. Зголемениот латалитет во последните денови се должи пред се на коморбидитетите на пациентите.

Исклучително ретко е некој да нема комобридитет. Дали се работи за кардиоваскуарни заболувања, дали се работи за дијабет или нешто друго, најчесто имаат коморбидитети. За жал, имавме и неколку случаи кога немаше коморбидитети, но драстично се влошува клиничката слика-изјави Ален Георгијев, директор на Клиничка болница Штип.

Штипскиот ковид центар последниот период троши над еден тон кислород дневно. За да се задоволат потребите на пациентите, кои се на постојана кислородна поддршка, но и на техничкиот персонал кои секојдневно по неколку пати во денот мораа да ги полнат  боците,  од вчера е ставен во функција резервоарот со течен кислород.

Не знам, веројатно бројката уште одреден период ќе расте, меѓутоа со префрлањето на режим на течен кислород, малку по малку ќе ни се олесни работата. Колку повеќе растеше потрошувачката на кислород, тоа бараше се повеќе кислородни боци и ангажман на вработените и на оние добавувачи, зашто требаше екстра боци да наоѓаат, ситуацијата секаде е тешка-додаде Георгијев

Инфективниот оддел, но и останатите одделенија во болницата имаат проблем и со новозаразени здравствени работници и технички персонал, како и вработени во изолација, но засега состојбата успешно се менаџира со ротација на медицинскиот кадар.