Балкан
6. April 2020 - 8:35

Ковид-19 во Косово: Пет нови случаи во неделата, вкупно 145 заразени

Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) информира дека вчера се потврдени нови пет случаи кои, од извршените испитувања во текот на денот, резултирале позитивни на Ковид-19, со што официјалната бројка на заразени со новиот вирус во земјата достигна до 145, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според синоќешното соопштение на ИШПК, во неделата во неговата лабораторија за молекуларна микробилогија се тестирани примероците на 93 лица за кои постоело соменување дека се можни носители на вирусот. Вкупната бројка на тестирани од 8 февруари, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 1.964.

Новите случаи се заразени од контакти со лица кај кои претходно е потврдено присуството на вирусот. Тројца од нив се од село во општина Малишево, еден од Ѓаковица и еден од околината на Вучитрн.

Oд појавата на првите заразени, на 13 март, досега како излечени од коронавирусот се потврдени 23 лица, а во истиот период е забележан и еден смртен случај како последица на епидемијата.