Балкан
3. April 2020 - 18:15

Ковид-19 во Грција: 99 нови случаи и шест нови жртви

Во изминатите 24 ласа во Грција уште шест лица го загубија животот од коронавирусот, со што вкупниот број на жртви се зголеми на 59, додека пак регистрирани се 99 нови случаи на заразени со Ководи-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Од почетокот на епидемијата, во Грција се регистрирани се вкупно 1613 позитивни случаи на коронавирусот, од кои 119 се на бродот што е во карантин.

На денешната редовна прес конференција во Министерството за здравство на Грција, професорот епидемиолог Сотирис Циодрас објасни дека од вкупниот број потврдени случаи, 335 се поврзани со патувања во странство, а 563 со контакти на веќе потврден случај.

До сега, биле анализирани 22.437 примероци.

За смртните случаи, Циодрас рече дека 59-те починати лица се на просечна возраст од 71 година, од кои 49 се мажи, а 10 жени.

Во однос на ситуацијата на бродот со 382 патници и членови на екипажот, заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас рече дека две лица се хоспитализирани, останатите 119 што се заразени со коронавирусот се во добра здравствена состојба, а повеќето од нив немаат никакви симптоми.

Позитивните на коронавирусот ќе бидат 14 дена во карантин во бродот, а со исклучок на петмина Грци, сите други се странски државјани, од кои 65 од Турција, 17 од Индонезија, 16 Украина, шест од Узбекистан, тројца од Молдавија, по двајца од Куба и САД, и по еден од Бугарија, Киргистан и Белорусија.

За оние кои што не се заразени од Ковид-19, вечерва ќе започне процесот на нивно пренесување во хотели во Атина, каде што ќе останат 14 дена.

Хардаљас, на денешната прес конференција, соопшти дека за да се ограничи и спречи ширењето на коронавирусот, ќе затворат делови од шеталиштата покрај морето во грчките градови Патра и Волос.