Македонија
22. May 2020 - 16:52

Ковид-19 влезе и во старечки дом во Скопје, денеска 23 новозаразени, 1 починат, 9 оздравени

Ковид 19 влезе и во Дом за стари лица во Скопје. Од скопскиот центар за јавно здравје велат дека заразен е еден вработен и епидемиолозите ги тестираат сите кои се сместени во оваа установа. Во главниот град денеска има двојно помалку заболени од вчера, односно 12 лица биле позитивни на тестот и поголем број од нив се од веќе познати кластери. Во домашна изолација е и заменик министерот за труд и социјална политика бидејќи член од потесното семејство на еден од неговите советници имал корона. Вирусот не стивнува и во Тетово и Куманово каде изминатото деноноќие биле дијагностицирани по четири нови случаи. Министерот за здравство уверува дека жариштата на зараза им се познати а начинот на пренесдување е преку близок респираторен контакт.

-Повеќе настани, повеќе семејни настани во меѓувреме се случија од каде што излегоа нови пациенти, меѓутоа во основа е истиот механизам на таков респираторен близок контакт, за жал непочитувајќи ги мерките кои се сега во сила, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Во денешниот билтен е регистриран и еден смртен случај. Починал 47 годишен пациент од Тетово кој имал и други хронични заболувања а во болницата 8ми септември бил хоспитализиран само еден ден. Во оваа здравствена установа која е единствен ковид центар со тријажа, дневно примаат по околу 20тина пациенти од кои повеќето се сомнителни на Ковид 19. Синоќа од осум хоспитализации едно лице веднаш било ставено на респираторна машина.

-Имавме приеми, најголем дел беа со респираторни проблеми, пневмонии и едно лице е поставнео на респиратор. Најчесто пациентите се со температура и отежнато дишење и доаѓаат кај нас од цела држава, вели др. Влатко Алексов, раководител на ургентен Центар во ГОБ 8-ми септември.

Доктор Алексов вели дека тријажата е неопходна за да не дојде до мешање на сомнителните и потврдентие со Ковид 19 со останатите пациенти.

-Мерење на температура, епидемиолошка анкета и птооа посебно изолирање на оние што ги хоспитализираме за да бидат одделени од останатите, вели др. Алексов.

Во болницата 8ми септември од 16 хоспитализирани на респиратор се 5 болни . Во Инфективна има 56 пациенти од кои двајца сер на механичка вентилација.