Македонија
17. November 2022 - 8:13

Ковачевски во Белград со Вучиќ, Рама, Абазовиќ и Тегелтија на Конференција за инвестиции во енергетика во Западен Балкан

– Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска во Белград ќе учествуваат на регионалната Конференција за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан, во организација на претседателот на Србија Александар Вучиќ и Амбасадата на Кралството Норвешка.

Премиерот Ковачевски заедно со премиерите на Албанија Еди Рама, на Црна Гора Дритан Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, ќе ги пречекаат претседателот на Србија Александар Вучиќ и Андреас Б. Ериксен, заменик министер за енергетика и специјален пратеник на премиерот на Кралството Норвешка, во Палата Србија каде ќе се случува настанот.

Сите лидери од Западен Балкан е предвидено да учествуваат на официјалното отворање на конференцијата и на панел дискусија посветена на можностите за инвестиции во земјите од Западен Балкан од страна на норвешки инвеститори.

Предвидена е и заедничка прес-конференција на која ќе говорат Ковачевски, Вучиќ, Рама, Абазовиќ и Тегелтија.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, регионалната конференција е организирана од амбасадите на Кралството на Норвешка во Белград и Сараево во соработка со Нордиската стопанска алијанса, Бизнис асоцијацијата Норвешка-БиХ и Норвешка и партнерите за соработка во областа на енергетиката.

-Поводот е да се претстават решенијата за обновливи извори на енергија – нивните профили во однос на другите технологии и да се објасни како тие можат да се вклопат во пошироката слика на Западен Балкан за да бидат дел од таа зелена транзиција. Исто така, би било интересно за Норвежаните да слушнат какви поволни услови за инвестиции постојат овде, изјави во пресрет на конферецијата норвешкиот амбасадор во Белград, Јерн Гјелштад за Еуроњус Србија.

Тој нагласи дека ќе има и панел за финансирање и развој, каде ќе бидат меѓународни финансиски инвеститори, кој ќе го отвори норвешкиот министер за финансии.

-Јас сум голем оптимист и ова може да ја подигне свеста и ангажманот и се надевам дека енергетиката ќе биде голем дел од билатералната агенда меѓу нашите земји и Западен Балкан. Исто така, сакам да истакнам дека оваа конференција, на која ќе се соберат лидери од регионот на тема за енергија и клима, ќе резултира со подобро разбирање како енергијата може да се користи како двигател на посилен регион со поголема соработка, со повеќе интеграции и поголема доверба. Енергијата е нешто што ги интересира сите, и е заеднички предизвик пред нас, оцени норвешкиот амбасадор.

Со цел да го направи нордискиот регион целосно одржлив, Нордискиот совет на министри го основа „Nordic Green“, односно „Нордискиот зелен проект“. Нордиските држави имаат блиска соработка на многу полиња и солидарност со другите земји.

Гјелштад додаде дека дефинитивно е неопходно да се донесат одредени мерки бидејќи зимата ќе биде исклучително тешка, но во исто време не треба да се испуштаат од вид среднорочните и долгорочните интереси – пред се здравата животна средина.