Македонија
27. May 2022 - 16:47

Ковачевски вели нема договор, Мицкоски бара притисок од Брисел

Нема основа за кревање на бугарското вето за Македонија. Премиерот, Димитар Ковачевски, вели дека министерствата за надворешни се уште работат на пронаоѓање решение кое ќе го одблокира евроинтегративниот пат на земјата.

„За коалицискиот совет кој ќе се одржува во Софија, Јас немам информации, бидејќи е коалициски совет во Бугарија, меѓутоа доколку има било каков напредок, тогаш, тоа ќе биде споделено на ниво на министерствата за надворешни работи, бидејќи министерствата се тие кои што имаат разговори и тие разговори се на ниво на размена на идеи. Се уште нема, како што информирав и по состанокот во Рим кој што го имав премиерот на Бугарија. Се уште нема документ кој што е прифатлив за двете страни кој може да биде основа за отпочнување на преговорите, односно за кревање на ветото на Република Бугарија“, вели Димитар Ковачевски, премиер.

Според Ковачевски, земјата повеќе не се врзува со датуми, бидејќи како што вели, почетокот на ЕУ преговорите повеќе не зависел од напредокот на државата.

„Ние предолго време бевме заложници на датуми, бидејќи секогаш се очекуваше некаков датум кој не зависеше од нас . Ако ги погледнете извештаите за РСМ, тогаш, Ние имаме четири последователни  позитивни извештаи и доколку го погледнете усогласувањето  на нашето законодавство, тогаш многу јасно се забележува дека има земји со помала усогласеност од тоа што го има РСМ“, вели Ковачевски.

Опозицискиот лидер Мицкоски, предупредува дека недобивањето датум ќе влијае врз кредибилитетот на Европската унија. Сака почеток на преговори, ама без понижувачки отстапки.

„Ќе ја упатам мојата порака до луѓето во Брисел да направат притисок онаков каков што е потребен врз владата во Софија. Исто онака како што се обединија околу агресијата на Русија во Украина, да се обединат околку политичката агресија на Бугарија врз Македонија, да направат притсиок и конечно Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Важен е овој прв чекор, стимул за Нас за граѓаните да се врати довербата зашто во спротивно  мислам дека кредибилитетот овојпат ако не немаме датум за почеток на преговори, повторно ќе кажам, без дополнителни понижувачки отстапки, навистина ќе биде лошо примена од страна на граѓаните“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Ковачевски вели недобивањето датум за ЕУ преговори нема да влијае врз работата на владата. Појаснува дека има стабилно парламентарно мнозинство, а се спроведувале и низа проекти за подобрување на животниот стандард.