Ковачевски ќе го добие мандатот за влада од Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе му го врачи мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски. Настанот најавен од претседателскиот кабинет за во 13 часот ќе може да се проследи во живо на Фејсбук страната и YouTube каналот на претседателот Пендаровски.
Собранието минатата недела ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, со што започна да тече рокот од десет дена во кој претседателот Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова влада.
Централниот одбор на СДСМ на седницата во понеделникот официјално го потврди Ковачевски како кандидат за нов премиер.
– Од моментот со давање на мандатот, претседателот на државата според член 210 од Деловникот треба да го извести претседателот на Собранието за давање на мандатот за да почнат роковите во Собранието. Мандатарот во рок од 20 дена од приемот на мандатот, значи не подоцна од 20-тиот ден од приемот на мандатот, треба да излезе пред Собранието со предлог персонален состав на новата влада и програма за работа на владата, изјави Џафери, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата кога би се случил изборот на нова влада.
Џафери изрази надеж дека мандаторот нема да оди во крајните рокови, имајќи ги предвид, како што рече, сите преговарања што се направени претходно и сите најави по однос на евентуални поединечни персонални решенија коишто беа изнесени во јавноста.
– Во секој случај, варијантите за организација на работата на Собранието се предвидени, и ако е тоа крајниот рок – 20-тиот ден, а и ако е пократок рокот. Но, во секој случај, во моментот кога ќе се добие персоналниот состав и програмата на владата, тогаш почнува рокот на Собранието, во рок од 15 дена од тој момент да се свика седница за избор на влада. Седницата трае два дена. Вториот ден, пред 24 часот треба да се гласа за нова влада и очекувам некаде 10-ти – 11-ти да добијам предлог состав на владата и програма и врз основа на консултации со пратеничките групи кои се во Собранието, да се определи датум за одржување седницата. Најверојатно тоа ќе биде 15-ти, 16-ти јануари, односно ако се добие предлогот на 10-11, 15-16 да се одржи дебата два дена, вториот ден на 16, пред 24 часот да се изгласа новата влада, која на 17-ти изутрината би ги презела функциите во министерствата, односно во владата како тим со мандати и со сите овластувања коишто произлегуваат од одлуката со избор, појасни Џафери.
Според претседателот на Собранието, новата влада има мнозинство од 64 пратеници и тоа фактички ќе го покаже гласањето.
Процесите околу формирањето на новата влада беа меѓу темите и на средбата на Ковачевски со амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз, а на која упати благодарност до САД за постојаната поддршка кон државава и сите нејзини граѓани. Истакна, соопштија од СДСМ, дека како претседател на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада тој ќе се води од принципите на заедништво, одговорност, посветеност и ефикасност, а тоа ќе го бара и од неговите соработници.
– Мојот став и принцип е нула толеранција за корупција на секое ниво, особено за носителите на високи, јавни функции. За таа цел, ќе се посветам на јакнеење на капацитетите на институциите кои се борат против корупцијата. Ефикасно, одговорно и посветено, посочи Ковачевски.
Во однос на прашањето со Бугарија и евроинтеграцијата, оцени дека е потребно да се најде заедничко прифатливо решение, со цел да се оттргне блокадата и Македонија конечно да ги започне преговорите со ЕУ, нешто што одамна го заслужи.
– Ги имаме исполнето сите услови за почеток на преговорите. Остануваме посветени на наоѓање решение со соседна Бугарија за да продолжи нашиот европски пат. По изборот за премиер ќе го поканам господинот Петков да ја посети нашата земја. За нас е најважно да направиме план, заедно со бугарската влада, за отстранување на блокадата час поскоро, секако со заедничко прифатливо решение. Ние треба да останеме посветени и ангажирани во разговорите со искрен пристап. Ако ист таков пристап има и новата бугарска влада, верувам дека е можно да изнајдеме компромис за отворените прашања, рече Ковачевски.
Амбасадорката Брнз му честитала на Ковачевски за изборот за претседател на СДСМ, порачувајќи дека САД продолжуваат да бидат најголемиот стратешки партнер на Македонија, како во делот на спроведувањето на реформите, така и во евроинтеграцискиот процес.
За да биде избран, за предложениот владин кабинет на Ковачевски треба да гласаат најмалку 61 пратеник во Парламентот. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.
Ново на Сител
-
Тема на денот со генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ
-
17 уапсени за инцидентите
-
ДУИ бара интерпелација на Тошковски - СДСМ лидерска средба
-
Разбојниците вчера од продажен објект на градскиот стадион одзеле 10.000 евра, но на излегување биле уапсени од ЕИП
-
Мицкоски за обвинителите: Нема веќе трпение
-
Приватните превозници се откажаа од блокада, утре продолжуваат да возат
-
Од Нова Година чоколадото ќе биде луксуз, поскапуваат и други берзански производи како маслото и шеќерот
-
Жртвите на семејно насилство во Струмица добиваат куќа за отворено домување