Ковачевски: Годинава ќе биде подобра од претходната, во 2025-та едноцифрена невработеност
Економските перформанси на државата се подобрени. Сите параметри во Буџетот тоа го покажуваат. Оваа година ќе биде подобра од претходната, ќе продолжи растот на платите, на пензиите и на бројот вработени, а 2025-та очекувам да биде прва година кога земјава ќе има едноцифрена невработеност, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Тој очекува дека земјава ќе го одржи местото на значајна дестинација за странски инвеститори кои нема да доаѓаат за евтина и многубројна работна сила.
Добро е, истакна, што Буџетот има развојна компонента, со дефицит помал од инвестициите. Посочи и дека БДП е значително пораснат во однос на она што беше пред шест години.
-Бројот на невработени во 2016 година беше 25 проценти, а сега е веќе 12,8 отсто, просечната плата изнесува 650 евра што е значително повеќе од тоа што беше и минималната плата од 8 000 во март годинава ќе стане 23 000, дополни премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за ортопедски болести.
-Ако го погледнете нивото на странските директни инвестиции, тоа беше во 2016 година кумулативно 600 милиони евра, а сега е две милијарди. Бројот на вработени во државата минатата година веќе надмина во зоните 17 000 вработени, само за една година имаме 10 000 повеќе вработени, просечните плати се значително зголемени. Дури и во јавниот сектор платите се значително зголемени. Еве, тука сме во една медицинска установа каде што платите се од 40-50 проценти зголемени, зависно од работата на вработените до 25 проценти, а дежурствата се и до 166 проценти зголемени кај докторите, кој било да прашате тоа ќе ви го каже. Во образовниот сектор, ако платите во 2016 година во средни училишта беа 18 000 денари, сега веќе доаѓаме до 36-40 илјади денари. Затоа велам дека економијата треба секогаш да се набљудува мултидимензионално. Јас ги следам секогаш проекциите на Светска банка, на ММФ,... Во време на криза тие често пати ги менуваат своите проекции и тоа увидовте дека периодите на менување на проекциите беа многу почести во последните четири години бидејќи се наоѓаме во време на криза. Често пати се разликуваат до еден процент разлика, меѓутоа со финалните порамнувања на крај сите завршуваат на исти или слични проекции, истакна Ковачевски.
Напомена и дека инфлацијата е веќе намалена на 3,4 проценти.
-Дефицитот веќе го намалуваме до ниво на 3,5 – 3,6 проценти, инфлацијата веќе ја намаливме на 3,4 проценти и затоа реков дека 2023 ќе биде подобра од 2022-ра. Тоа беше така и велам дека 2024 година ќе биде подобра од 2023 година, бидејќи сите параметри поставени во Буџетот тоа го покажуваат. Ќе продолжи растот на платите, ќе продолжи растот на пензиите, ќе продолжи растот на бројот на вработени. Јас очекувам 2025 година да биде прва година кога нашата држава ќе има едноцифрена невработеност и би рекол дека како земја членка на НАТО, земја која преговара со ЕУ Северна Македонија ќе го одржи местото на значајна инвестициска дестинација за странски инвеститори. Веќе нема да очекуваме инвеститори кои ќе доаѓаат заради евтина работна сила и многубројна работна сила, бидејќи и на пазарот веќе не постои расположлива неограничена работна сила. Приватниот сектор вели дека треба веќе и да се увезува работна сила со оглед на тоа што она што е стручно, професионално веќе е исцрпено од приватниот сектор. Гледате дека најновата инвестиција на австралиските инвеститори вработува млади луѓе коишто се 24-25 години со плати над 60 000 денари и тоа е иднината на државата. Така што, ако мене ме прашате, јас сум оптимист за развојот на Северна Македонија во наредните пет години, во наредните 10 години на полето на економијата и на полето на развојот на општеството, подвлече Ковачевски.
Во однос на растот, потенцира дека тоа често зависи и од стартната позиција на државите.
-Нормално, оние држави што имаат пониска стартна основа, како Косово, имаат поголема стапка на раст. Косово е најновата независна држава на Балканот која дури сега ја оформува својата економија со воведување индустрија, итн, а и ако го земете растот на Германија како најголема европска економија, таа има најнизок раст, меѓутоа во супстанца и тој мал раст апсолутен раст дава голем и затоа е најсилна економија, рече Ковачевски.
Ново на Сител
-
Семејното насилство станува скоро секојдневие, а службите бараат поголеми мерки за негово спречување
-
Три училишта во Босилово почнаа сами да произведуваат струја
-
Преглед на вестите од светот
-
Во Софија средба на историчката комисија - Се разговарало за евентуални заеднички чествувања и дискусии за учебници
-
Тема на денот со Коце Трајановски, Директор на ЈП државни патишта
-
Одземени спорните записници од Судски, Мицкоски најавува десетици други акции
-
Обвинителството собира докази за Груби и Беџети
-
Евроабасадорот Рокас ги поддржува активностите за расчистување со корупцијата