Македонија
25. January 2017 - 13:45

Котевски: Општина Новаци место за квалитетен живот и успешно стопанисување

Општина Новаци ја реализира програмата ветена на локалните избори пред четири години, но направивме и многу повеќе од тоа со што станавме место за квалитетен живот и успешно стопанисување, изјави градоначалникот Лазар Котевски на денешната прес конференција во општината.

Според Котевски, сите проекти се реализирани, а 2017 година ќе биде година на заокружување на значајни проекти  кои ќе останат во трајно наследство на идните генерации.

- Во минатата година извршивме санација на свлечиштето на регионалниот пат Битола-Новаци за што беа вложени 500 илјади евра, реконструиравме многу локални патишта, улици и нови тротоари, асфалтиравме со поддршка на владините министерства, ги чистевме дивите депонии и ги реконструиравме младинските културни центри во Новаци и Добромири. Во 2016 година имавме и меѓународна поддршка за нашите проекти како што се „Жива историја, жива природа“ преку кој ја реконструиравме црквата „Св. Димитрија“ во Градешница, извршивме деминирање на месноста Змеица и изравотивме мобилна апликација за паметни телефони и веб пребарување на туристичките атракции во општината, изјави Котевски.

Освен јавен отчет за реализираното, градоначалникот на општина Новаци Котевски најави и реализација на започнати капитални проекти кои како што рече ќе бидат завршени во текот на оваа година.

- Започната е реализацијата на проектот за префрлање на дел од хидросистемот „Стрежево“ преку река Црна со кој ќе се овозможи наводнување на 3.000 хектари обработливо земјиште во пелагонискиот регион. Вредноста на овој проект е 3,3 милиони евра. Годинава ќе почне спроведување на топлификација на трасата Битола – Новаци – Могила од РЕК Битола, проект вреден 47 милиони евра, а ќе се реализира и проектот за управување со отпад во Пелагониски регион. Општина Новаци аплицираше за овој проект и е фаворит односно се наоѓа на врвот на листата за избор на локација каде истата ќе се гради. Во моментот се размислува за локацијата кај Мегленци каде веќе има постоечка депонија. Станува збор за модерна депонија чија изградба ќе чини 25 милиони евра,  која ќе биде изградена по сите светски стандарди, нема да ја загадува животната средина и нема да биде закана по здравјето на луѓето и животинскиот свет. Дополнителен бенефит ќе биде можноста за отворање на нови работни места за жителите на општина Новаци, рече Котевски.

Општина Новаци ќе продолжи со континуирана грижа за комуналните проекти, изградба на водоводи и миниакумулации во селата Брод, Арматуш, Грумази, Орле, Долно Орехово, Мегленци, Маково, Рапеш, Старавина и Тепавци, а ќе стартува и проектот „Рурални развојни зони“.