Македонија
5. March 2021 - 14:01

Костовски: Внатрешните пресметки во ВМРО-ДПМНЕ не треба се прекршуваат врз грбот на граѓаните

Се што ВМРО-ДПМНЕ прави со месеци, и овде во Собранието е деструкција, неодговорно дејствување на штета на граѓаните и државата и безобразно ширење невистини.

Христијан Мицкоски, заедно со неколку негови поддржувчи со месеци ги тормозеа граѓаните со фатаморганата дека станува премиер.

Ја лажеа јавноста дека само што не направиле ново парламентарно мнозинство, дека Владата ќе падне.

Со месеци пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не влегуваат во салата кога се одржуваат седници со цел да не се исполни кворумот за работа.

Истовремено, преку комисиите со кои претседаваат членови на нивната пратеничка група, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го кочи носењето на важни законски решенија во интерес на граѓаните и државата.

Законот за клинички центар, закони за поддршка на земјоделците, за зголемена енергетска ефикасност, Законот за внатрешни работи се само дел од законите кои ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена се обидува да ги блокира.

Сето тоа им се удри од глава на седницата на која беше изгласана доверба за Владата предводена од СДСМ. Потонаа сите лаги на Мицкоски а ВМРО-ДПМНЕ доживеа нов пораз во Собранието.

Без никаква намера да се мешаме во внатрешните состојби во опозицијата, можеме само да констатираме дека се потврди и докажа дека упорните лаги на Мицкоски за некакво ново мнозинство и пад на актуелната Влада се фатаморгана, наменета исклучиво за внатрешно партиски потреби во борбата за превласт во „Белата палата“.

Колку повеќе Мицкоски е загрозен внатре во партијата, толку повеќе неговите пратеници ја опструираат работата во парламентот.

Откако доживеаја нов дебакл, крајно време е да престанат да се препелкаат, бидејќи се подлабоко тонат во жива кал.

Внатрешните пресметки во ВМРО-ДПМНЕ не треба се прекршуваат врз грбот на граѓаните.

Заглавени во старата режимска матрица, веќе толку се отсутни за аргументите, што не можат да препознаат дека блокираат законски проекти кои се од витално значење за сите граѓани, без разлика на етничка, верска или политичка припадност.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса да се вразумат, да научат од овој пораз и конечно да се престројат на страната на граѓаните и државата.

Ние, како одговорно парламентарно мнозинство  со или без ВМРО-ДПМНЕ,  продолжуваме да носиме законски решенија важни за иднината на нашата држава.

Прес-конференција на пратеникот на СДСМ Мартин Костовски