Македонија
17. July 2017 - 17:08

Костов: Не треба да се брза со потпишувањето на договорот меѓу Скопје и Софија

Не треба да се брза со потпишувањето на договорот меѓу Скопје и Софија, порачува поранешниот премиер на Бугарија Иван Костов на сегашната власт на Бојко Борисов за односите со Македонија. Реакциите на бугарската политичка и научна елита за договорот не стивнуваат, иако неговото потпишување веќе е најавено за 2 август. Содржината на договорот и понатаму е тајна и за македонската и за бугарската јавност.

Костов е премиерот кој во 1999 година ја потпиша Декларацијата за соработка меѓу двете држави со Љубчо Георгиевски. Костов во својата колумна објавена на бугарскиот портал „Медиапул“ – „За нашата одговорност кон Македонија“ вели дека државата треба прво да ги реши внатрешно-етнички односи, потоа спорот со името, па на крај да се потпише Договорот за Бугарија, иако од сите три прашања се чини најлесно за решавање, а во сите нив Софија треба да биде воздржана.

„Не е препорачливо Софија да е првата која ќе ја авансира поддршката на владата во Скопје, особено пред да се преземат какви било активности и тоа не само во односите со Бугарија, туку и за решавање на другите два проблема“, вели поранешниот премиер.

Тој нагласува дека авнсираната поддршка сега може да значи зголемување на антибугарските ставови во земјата.

„Да процениме точно, ако сегашната владејчка коалиција во Скопје може да ги изгуби локалните избори на есен и тоа да доведе до застранување на курсот на евроатланска интеграција или земјата повторно да се дестабилизира. Треба да бидеме резервирани и поради тоа што поранешни службеници од репресивната УДБА сега се приврзаници и една од движечките сили на новата власт“, пишува Костов.

Според него договорот треба да биде потпишан откако веќе ќе е постигнат договор по прашањето за името. Поранешениот бугарски премиер пишува дека Бугарија треба да потпиши договор со уникатен и политички признат субјект на меѓународното право, како и да потпише договор со стабилни власти кои ќе бидат способни да го извршат. „Освен тоа бугарски интерес е да имаме кохерентна политика со евроатланските сојузници и грчките власти“, вели Костов.

Во однос на меѓуетничките односи во државата, Костов вели дека секоја промена на Охридскиот договор без согласност на мнозинството може да ја фрли земјата во хаос и дека Бугарија не смее да прифати такво решение.

Тоа треба да биде позицијата на Бугарија во НАТО и ЕУ. За да покажеме зрелост и разбирање на проблемите треба да го поддржуваме прво балансот со интересите на мнозинството. Тоа значи да инсистираме да се добијат гаранции, да се спротивставиме на обидите на Тирана да диктира план во Македонија, да се воздржиме од непримерните европски попусти на албанското малцинство“, пишува Костов.

Костов смета дека единствена политика на Бугарија кон Македонија треба да биде поддршката во рамките на берлинскиот процес за поддршка на интеграцијата на западен Балкан во ЕУ. Бара да се симнат, како што вели, децибелите на бугарските провокатори кон Македонија. Но, тој тврди и дека извор на трите главни пробеми со кои се соочува државата е македонизмот кој бил возобновен и поддржан од претходната власт на Никола Груевски, а воспоставен уште во времето на Коминтерната и оддржуван од Кремљ.