Бизнис
23. April 2017 - 15:57

Костадиновски изврши увид на штетите од пролетниот мраз во Тиквешко

Заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски денеска ја посети Тиквешијата и изврши увид во овошните насади оштетени од пролетните ниски температури. 

-Јасно и евидентно е она што го кажуваше Управата за хидрометеоролошки работи дека неспецифичните временски услови ќе предизвикаат штети на овошните насади во сите региони. Се констатираше дека овошните насади претрпеа значајни штети и поради тоа Владата итно заседаваше и донесе две значајни одлуки, истакна Костадиновски. 

Тој направи увид во постапката во делот на обезбедувањето на итна првична процена за штетите коишто се предизвикани од мразот. 

-Само сакам да кажам дека според она што го подготви како извештај Управата за хидрометеоролошки работи во соработка со Министерството, зафатена е територијата во целост во сите региони со исклучок на Гевгелија, Дојран, Валандово. Владата итно заседаваше и ја донесе таа одлука за констатирање на временските неприлики. Можам да кажам дека во сите региони комисиите се присутни , итно постапуваат, ја праваат таа првична проценка и врз основа на тоа ќе бидат подготвени извештаи за сите региони. На база на тие проценки ќе се направи методологија по која ќе се врши проценката за штетите и по која што ќе постапува комисијата за утврдувањето на штетите предизвикани од мразот, нагласи заменик министерот. 

Раководителот на подрачната единица на Министерството Зоран Шалев појасни дека се формирани четири комисии на територијата на Општина Кавадарци за да се утврди првичната состојба, односно во Рибарци, Сопот, Црноречјето, Марена, Паликура и останатите  делови на Општината. Според него првичните оценки се дека штетите во овоштарството и лозаратсвото се многу големи.

Митко Гинев од село Ваташа, регистриран земјоделец рече дека работи околу 40 декари земја оф кој половина е овошје, а половина лозја и дека штетите кај него се стопроцентни.