Балкан
5. April 2018 - 12:49

Косовските партии подготвени за нови избори

Сите партии од владејачката коалиција во Косово и речиси сите опозициски партии соопштија дека се подготвени за вонредни парламентарни избори поради тешкотиите со кои се соочува актуелната Влада, јавија локалните медиуми.

Пратеничката на движењето Самоопределување Албулена Хаџиу изјави дека тоа што Владата ја активирала раководната група што ќе работи на составување статут на Заедница на српски општини, е сигнал дека треба што побрзо да се организираат вонредни парламентарни избори.

Таа оцени дека тоа значи дека ќе се создаде „нова Босна на Косово“, јави Танјуг повикувајќи се на прес-клипинг на Унмик

- Харадинај мора да го запре тоа. Тој не би смеел да ја направи истата грешка како со демаркацијата. Тоа е единствена причина зошто тој им треба на Тачи и Весели. Мораме што е можно побргу да имаме вонредни парламентарни избори, рече Хаџиу.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи и премиерот Рамуш Харадинај синоќа повторно ја активираа раководната група која ќе работи на предлог-статуот на Заедницата на српски општини (ЗСО).

- Изработката на Статуот ќе биде транспарентен и сеопфатен процес, кој ќе се состои од три работни механизми: Раководен тим, комитетите за имплементација и Национална консултативна група, кои ќе гарантираат вклучување на целиот политички спектар, граѓанското општество и други општествено релевантни механизми, се наведува во соопштението на косовската Влада.

Во процесот ќе бидат вклучени и меѓународни механизми, кои му помагаа на Косово во сите фази и тоа ќе биде „значаен чекор за Косово на неговиот пат кон евроатлантските интеграции“.

- Финалниот предлог на Статутот, заедно со директивата, ќе биде доставен до Уставниот суд со цел да биде во целосна согласност со Уставот на Република Косово. Со овој чекор, Косово исполнува уште една меѓународна обврска, докажувајќи ја посветеноста на евроатлантскиот пат, се наведува во соопштението на Владата на Косово.

Харадинај претходно, коментирајќи го барањето на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) за предвремени парламентарни избори, изјави дека „доколку ЛДК е подготена за тоа, тогаш и Алјансата за иднината на Косово (ААК) ќе гласа за избори“.

Харадинај на прес-конференција по седница на Владата наведе дека и владината коалиција го подржува барањето на ЛДК за нови избори.

- Доколку одиме на избори и Алијансата и владината коалиција ќе им го даде гласот доколку се за избори, изјави Харадинај.

ЛДК завчера соопшти дека Косово се наоѓа во длабока институционална и политичка криза и ги повика политичките партии „што поитно да се состанат и да одредат датум за избори“.

Барањето на опозициската ЛДК како несериозно го оценија Демократската партија на Косово (ПДК) и Движењето Самоопределување.