Косовските обвинители ќе помогнат во случајот „Онкологија“, партиите тактизираат со составот на анкетната комисија
Косовските обвинители се подготвени да соработуваат за обезбедување докази за случајот Онкологија.
Тим македонски обвинители вчера во Косово оствариле директна средба со своите колеги.
„Од косовските органи, преку контакт-точките во Европската правосудна мрежа, се побарани конкретни податоци неопходни за проверка на наводите врз основа на кои беше отпочната предистрагата. Притоа, косовските обвинители изразија подготвеност за соработка и за обезбедување на потребните податоци. Во следниот период, во зависност од потребите на предистрагата за обезбедување докази, слична ваква средба ќе биде организирана и во обвинителството во Република Албанија“, информираат од ЈОРМ преку соопштение во кое се потенцира дека истрагата е се уште во тек.
Секојдневно се земаат искази од пациенти и нивни блиски, се анализира Извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, а вешти лица и ревозори спроведуваат финансиска истрага и вештачење на работата на клиниката.
Додека истрагата трае, формирањето на анкетаната комисија во Собранието тапка во место. Откако законодавниот дом пред 6 дена даде зелено светло за формирање на оваа комисија, на ред е собраниската комисија за избори и именувања. Опозицијата веќе ги номинирала и своите членови, па повикуваат оваа анкетна комисија да почне со работа уште денеска.
Според одлуката анкетната комисија ќе треба да ја следи истрагата и да утврди политичка одговорност за скандалот на Онкологија и сомнежите дека терапијата за болните од рак се препродавала на црниот пазар.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар