Балкан
8. September 2017 - 18:58

Косовскиот парламент утре ќе одржи вонредна седница за избор на нова влада

Вонредна седница за избор на нова влада на Косово ќе се одржи утре по барање на 45 пратеници, одлучи денеска попладне претседателството на косовскиот Парламент.

Претседателот на Собранието, Кадри Весели изјави дека „на Косово му претстојат големи задачи на кои мора забрзано да работи“.

Мандатар за состав на новата косовска влада е Рамуш Харадинај предложен од коалицијата ПАН (Демократска партија на Косово, Алијанса за иднината на Косово и Иницијатива за Косово) и Алијанса ново Косово на Бехџет Пацоли.

Харадинај истакна дека очекува поддршка и од редовите на малцинските заедници. Сите тие бројат 62 гласа, а за избор на влада потребни се 61 глас.

Тој додаде дека се уште нема комплетна листа со имиња на министри од сите политички партии, но на утрешната седница ќе бидат претставени сите членови на новиот владин кабинет.

Косовските медиуми објавија дека во новата влада на Косово партијата „Српска листа“ ќе има три министерски места.