Балкан
4. December 2018 - 11:54

Косовската опозиција бара вонредна седница на Собранието поради неуспехот со визната либерализација

Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) бара вонредна седница на Собранието за, како што вели, неуспесите на владејачката коалиција кои кулминираа со неисполнување на ветувањето за укинувањето на визите до крајот на годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на пратеничката група на најголемата косовска опозициска партија, вината за овој неуспех на Владата ја сносат премиерот Рамуш Харадинај и неговиот заменик Фатмир Лимај, кои, како што се наведува, некогаш со насилство и интриги го попречуваа исполнувањето на критериумите за либерализација.

– Тогаш тие ја обвинуваа ЕУ која порачуваше дека постои опасност визната либерализација да не се случи до по изборите во 2019 година во ЕУ. Денес, кога предупредувањето стана факт, тие што користеа насилство и интриги, сега заедно со нивните партнери во власта повторно ја обвинуваат ЕУ, се вели во соопштението.

Според ЛДК, „на Косово му се затвораат вратите бидејќи го водат изолирани луѓе, кои од својата изолација сакаат да излезат со тоа што ја изолираат државата“.

– Собранието треба да се состане на вонредна седница за да го дискутира ова прашање. Единственото што ним им преостанува е да поднесат оставка, се вели во соопштенето на ЛДК.

 

Реакцијата на опозициската партија уследи по изјавата на комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан, вчера во Приштина, дека „реално време за визна либерализација за Косово е 2020 година, иако е можно да се случи и нешто порано“.