Балкан
9. July 2017 - 10:21

Косовската ЦИК ги соопшти конечните резултати од парламентарните избори

Централната изборна комисија на Косово синоќа ги соопшти официјалните резултати од парламентарните избори, одржани на 11 јуни.

Според бројот на освоени гласови прва е коалицијата ПАН со 39 пратенички мандати, второ е Движењето „Самоопределување“ со 32 и трета е коалицијата ЛАА (Демократскиот сојуз, Алијасата за Ново Косово  и Алтернатива) со 29 пратеници.

По десет пратеници, кои се загарантирани имаат Србите и партите на немнозинските етнички заедници.

Сега најпрво треба да се конституира Парламентот во рок од 30 денови од денот на соопштувањето на конечните резултати, што значи до 8 август, а потоа ќе почне процедурата за формирање Влада.

На овој начин на коалцијата ПАН ( Демократската партија-Алијансата за иднината на Косово и Иницијативата за Косово) и се отвора патот за формирање на новата влада, откако претседателот Хашим Тачи ќе и го додели мандатот.

Според коалицискиот договор, мантадар ќе биде Рамуш Харадинај, лидерот на Алијасата за иднината на Косово, кој во рок од 15 денови од добивањето на мандатот треба да ја формира владата.

Движењето „Самоопределување“ најави дека доколку ПАН „потфрли“, тогаш „новата влада ќе ја формира Албин Курти, заедно со други партии“.

Владата се избира со мнозинство гласови, односно 61 од вкупно 120 члениот парламент, што значи дека Харадинај треба да обезбеди  уште 21 пратенички глас.

Доколку Владата не биде изгласана, Тачи, според косовскиот Устав, во рок од десет дена, треба да му го додели мандатот на друг политички субјект.

Ако Влада не биде изгласана и по втор пат, тогаш шефот на државата распишува нови избори, кои треба да се одржат најдоцна четириесет денови од денот на објавувањето.

Со првата, конституивна седница, на парламентот раководат највозрасниот и најмладиот пратеник.

Имено, според ЦИК, од вкупниот број запишани гласачи на единствениот избирачки список (над 1,8 милиони) правото на глас го искористиле над 747 илјади или 41,3 отсто, што е најнизок процент до сега.