Бизнис
16. August 2019 - 19:46

Косово забрани увоз на компири и мед од Македонија

Косово забрани увоз на компири и мед од земјава. Оваа одлука на властите од Приштина следи како контрамерка на македонската забрана за увоз на икри и млади риби од Косово. Министерството за трговија ја обврзува косовската царина веднаш да почне да ја спроведува реципрочната мерка.

“Мерката стапува на сила денеска и ќе остане сè додека органите на Северна Македонија не ја разгледаат повторно нивната одлука за забрана за увоз на икри и млади риби за порибување од Косово”, изјави косовскиот министер за трговија Ендрит Шаља.

Министрите за економија и за земјоделство, како и директорите на Царинската управа и Агенцијата за храна на земјава на итна средба во понеделник ќе ја разгледаат косовската одлука и ќе информираат за натамошните активности.

“Во изминатиот период Агенцијата за храна и ветеринарство направи интензивни напори за надминување на проблемот со цел добивање соодветни информации за животинскиот и рибниот здравствен статус, но вакви податоци не се добиени од Косово. Нивните претставници истакнаа дека системот за надзор на рибни болести во Република Косово не се следи”, пишува во соопштението на Министерството за економија.

Од Агенцијата за храна образложија дека забраната не се однесува само на Косово, туку на сите држави што според листата на Светската организација за здравствена заштита се со непозната здравствена исправност. Велат дека увоз ќе се дозволи веднаш штом Косово ќе се најде на безбедната листа за овие производи.

Од Комората на северо-западна Македонија апелираа до властите и во Косово и во Македонија да носат разумни одлуки, бидејќи блокадите на трговската размена може само да бидат штетни за бизнисот.