Балкан
15. January 2019 - 17:19

Косово ја одбележа 20-годишнината од масакрот во Рaчак, Харадинај бара хашки трибунал за настанoт

Во Косово денеска со разни манифестации и чествување се оддава почит на цивилните жртви на масакрот на српските сили, што се случи на денешен ден пред 20 години во селото Рaчак, во централно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во општината Штимље, под која потпаѓа селото во кое утрото на 15 јануари 1999 година беа ликвидирани 45 селани, за кои официјален Белград тогаш тврдеше дека биле припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), се одржа комеморативна седница на која, меѓу другите, присуствуваа претседателот на косовското Собрание Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај.

Весели на комеморацијата изјави дека Рaчак претставува „синоним на судбината на нацијата, на косовската независност и слобода“.

– Пред 20 години болката ја претворивме во храброст за слобода и сонот поради кој настрадаа тие луѓе стана реалност, рече Весели.

Косовскиот премиер Харадинај, нагласувајќи дека „сеќавањето на Рачак е многу болно“, порача дека „само за тој масакр потребен е хашки трибунал за Србија“.

– Пред две децении еден нечовечки чин ги потресе чувствата на демократскиот свет и го мобилизира Западот за со сила да го спречи истребувањето на цел еден народ. Масакрот во Рaчак, доказот за геноцидните злосторства во Косово, го одбележа решавачкиот пресвртен момент во нашата борба и напори за слобода и независност, рече Харадинај.
Тој го спомна и Специјалниот суд за Косово во Хаг, каде што се повикани неколку поранешни водачи и припадници на ОВК.

– Меѓународните пријатели го оптоваруваат Косово со такви работи, кога масакрот во Рaчак јасно покажува кој вршел злосторства, рече Харадинај.

Почести на жртвите од пред 20 години во Рaчак изразија и претседателот на Република Косово Хашим Тачи, вицепремиерот Фатмир Лимај, опозициските лидери Иса Мустафа (Демократски сојуз на Косово – ЛДК) и Албин Курти (Самоопределување – ВВ) и други личности од политичкиот и јавниот живот на Косово.

Дента кога се случи масакрот во Рачак, 15 јануари 1999, местото го посети тогашниот шеф на мисијата на ОБСЕ, Вилијам Вокер, кој изјави дека, од она што го виде таму, може единствено да каже дека „станува збор за класична егзекуција на цивили“ и за „масакр и злосторство против човештвото“.

Извештајот на Вокер претставуваше директен повод за одлуката на НАТО да започне со воена кампања против српски воени и други цели, во Косово и Србија. Интензивното бомбардирање од воздух траеше 78 дена, по што во Куманово, на 10 јуни 1999 година, српската, односно тогашната Војска на Југославија, потпиша капитулација и го започна целосното повлекување од Косово. Веднаш уследи воспоставувањето на меѓународната администрација и на воените сили предводени од НАТО, КФОР.