Бизнис
29. May 2019 - 16:44

Косово го пушти автопатот од Блаце до Приштина - Македонија ќе фаќа приклучок со автопат од Скопје до Блаце

Од Приштина до Блаце веќе се вози по нов автопат. Од денеска официјално е во употреба автопатската делница, што го носи името на политичарот Арбен Џафери. За целосно поврзување на Скопје и Приштина останува да се изгради автопатот и од македонска страна. На свеченото отварање премиерот Заев најави дека наскоро ќе се распишат тендери за 14-километарската делница од Блаце до Скопје.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај рече дека со години го чекаме овој автопат и истакна дека добил ветување од неговиот колега Заев дека автопатската делница ќе се заврши и на македонска страна.

Автопатот Приштина-Блаце започна да се гради во 2014 година. Долг е 65,5 км, а вреди над 700 милиони евра.

Надлежните во јануари годинава најавија дека започнува реализацијата на автопатската делница Скопје-Блаце, долга околу 14 километри. Според предвидените рокови, автопатот од македонска страна ќе се пушти во употреба во 2023 година.