Кошаркарите Дамјан и Војдан Стојановски им приредија вистинско изненадувањe на децата со мускулна дистрофија
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со низа активности се одбележа Денот на Дишенова мускулна дистрофија. Најголемо изненадување за децата беше дружбата со познатите кошаркари од МЗТ, браќата Дамјан и Војдан Стојановски, кои им подарија дресови со своето име и медали. На дружбата претходеше и проекција на филм „Живот во моите чевли“, приказна за предизвиците на децата со мускулна дистрофија и нивните семејства, а беа проследени и мотивациските говори од д-р мед. науки Наталија Ангелкова, специјалист по педијатрија - невролог и доц. д-р Владимир Чадиковски, специјалист по детска хирургија, супспецијалист по детска кардиохирургија.
Во организација на настанот активно се вклучи и здружението Асоцијација за мускулна дистрофија Македонија, а со поздравен говор присутните ги поздрави претседателот Ване Петридов.
Во духот на одбележување на денот на лицата со ДМД, секаде во светот се осветлуваат објекти во црвена боја, па така изминатата седмица во црвено светло блескаше и Одделот за педијатрија во „Аџибадем Систина“. Во дворот на болницата се пуштија црвени балони, а сите вработени носеа црвени маички под мотото „Ниту еден мускул не е посилен од твоето срце“ во знак на поддршка на овие деца. Со овие активности се испрати силна порака дека и децата со мускулна дистрофија се дел од општеството и дека треба да бидат прифатени со своите различности.
„7 септември се одбележува веќе десет години по ред, на глобално ниво, како ден за подигнување на свеста за мускулната дистрофија на Дишен. На ваков ден се потсетуваме на неопходноста од еднакви можности за функционирање на пациентите со мускулна дистрофија во општеството. Оваа година настанот се одвива под мотото: 'Рушење на бариерите - надминување на сите пречки и остварување на комплетна инклузија во секојдневниот живот'. Тоа значи: достапност на здравствена нега на секое ниво со примена на меѓународните стандарди за нега и терапија, физичка достапност до јавните институции, училишта, факултети, согледување на предизвиците во секојдневниот живот и ангажирање на целата заедница за нивно надминување, вклучување во редовна настава во основно и средно училиште, олеснување на можностите за студирање и вработување, вклучување во широки социјални активности и овозможување ресурси за поткрепа“ – изјави д-р мед. науки Наталија Ангелкова, специјалист по педијатрија – невролог.
ЗАЕДНО ВО СПОРТОТ
Со овој настан се одбележа и продолжувањето на договорот на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и трофејниот кошаркарски клуб МЗТ. Втора година по ред, болницата е медицински спонзор и се грижи за здравјето на кошаркарите. Д-р Владимир Аврамовски, заменик медицински директор во „Аџибадем Систина“, објаснува дека оваа соработка за болницата, како врвна здравствена установа, која е посветена на здравјето и на унапредувањето на спортските вредности, е од големо значење.
„’Аџибадем Систина’ во континуитет е посветена на одржување на здравјето на граѓаните, а во нашата работа во која се вклучени врвни професионалци во сите специјалности, особено внимание посветуваме на поддршката на спортот. Тоа го докажуваме низ годините – се грижиме за промоција на спортот во земјата, секако како докажан лидер во превенција и третман на спортските повреди, но и со поддршката на спортски клубови, федерации, поединци. Соработката со МЗТ Скопје, со овој трофеен клуб, ја продолжуваме и оваа сезона, искрено веруваме во нивните идни успеси. Да аплаудираме заедно на новите спортски резултати, а нашиот тим ќе овозможи темелна поддршка за здравјето на играчите“ – изјави заменик медицинскиот директор Владимир Аврамовски.
Од МЗТ, пак, изјавија дека им е особена чест што за здравјето на нивните играчи ќе биде задолжен медицинскиот персонал од најдобрата болница во земјава, а оваа поддршка сигурно ќе вроди со многу победи и трофеи.
„Горди сме што ја продолжуваме соработката, најдобрите секогаш се поддржуваат. Од наредната година се надеваме дека ќе го продолжиме трендот на успешност како на домашните натпревари така и надвор. За нас е од големо значење тоа што зад нас стои еден голем бренд во здравството како што е клиничката болница 'Аџибадем Систина'“ - Филип Ѓоревски, извршен директор на МЗТ.
ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА МУСКУЛНА ДИСТРОФИЈА
Светскиот ден за подигање на свеста за мускулна дистрофија е настан што се одржува секоја година на 7 септември. На овој ден се промовираат иницијативите за образование, залагање и социјална вклученост, со цел подобрување на квалитетот на животот на луѓето што живеат со дистрофинопатии.
Овогодишното мото е: „Разбивање на бариерите и заедничко градење на подобра иднина“. Во светот приближно едно од 5 000 момчиња се раѓа со оваа болест, а болеста е предизвикана од мутација на хромозомот Х, поради што се засегнати главно мажите. Во нашава земја со невромускулни заболувања се соочуваат околу 100 деца. Со ДМД се дијагностицирани околу 50 деца.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија
-
Фрчковски злоупотребил стотици илјади евра буџетски пари
-
Мицкоски: Повеќе отстапки нема да правиме
-
Наместо обвинувања, партиите да понудат решенија за поткрепа на судството
-
Гаши не открива кога Законот за интонирање на химната во училиштата ќе се најде на пленарна седница
-
Од утре ,,Новогодишна кошничка''
-
Граѓаните се надеваат, но не очекуваат намалени цени
-
Во Нефрологија годишно се прават 16.000 хемодијализи