Македонија
31. May 2020 - 16:38

Коронавирусот влезе и во фудбалот, шест фудбалери заразени, првенството не смее да продолжи

Првата македонска фудбалска лига станува ново жариште на корона вирусот. Како што дознава Сител од извори во Институтот за јавно здравје шест фудбалери се позитивни на вирусот. Скринингот покажал присуство на Ковид19 кај 4 играчи на Ренова и двајца на Шкендија.

Одлуката на Претседателот на ФФМ Мухамед Сејдини да се коцка се животите на фудбалерите само за им обезбеди излез во Европа и опстанок во лигата на своите клубови се покажа како вистинска катастрофа. Имено ФФМ во допис им наложи на клубовите да почнат со групни тренинзи иако Комисијата за заразни болести не даде зелено светло за тоа. Со тоа, управниот одбор на Федерацијата направи кривично дело за кое, според членот 206 во кривичниот законик кој се однесува на непостапување според здравствените прописи во време на епидемија за што е предвидена затворска казна до 1 година.
Дека клубовите се жртви на интересите на Претседателот на ФФМ и Управниот одбор говори и самиот факт што федерацијата свесно ги лажеше клубовите дека здравствените власти дозволиле во Македонија да се игра фудбал. Портпаролот на ФФМ вчера се повика на средба со епидемиологот Жарко Караџовски на која тој наводно дал зелено светло да се почне со тренинзи.
Зошто Караџовски молчи и не ја демантира оваа информација и дали и тој е дел од бизнис-политичката шема на Сејдини се уште не се знае, но она што е познато е јасниот став на докторот Виктор Исијановски кој и самиот е член на комисијата за заразни болести и кој потврди дека одлука за старт на првенството и почеток на тренажниот процес се уште не е донесена.

По наредба на Сејдини од вчера во тренажен процес влегоа сите клубови освен Силекс, а по првичното тестирање се става под знак прашалник како се ширела заразата на зелениот терен и уште колку фудбалери ќе бидат дијагностицирани како позитивни само за да се реализираат бизнис интересите на Претседателот на ФФМ и неговите клубови.

Ако од само 2 клуба, 6 играчи се дијагностицирани како позитивни, стравувањата на спортската јавност се дека бројката ќе биде значително поголема кога целосно ќе заврши тестирањто,  со што единствената логична одлука која ќе го заштити здравјето на фудбалерите но и на сите останати граѓани е оваа година во Македонија да не се игра фудбал за да не ни се случи она што се случуваше во Италија кога на фудбалски натпревар за заразија огромен број луѓе.
Адвокатскиот тим на Силекс веќе најави кривични пријави против сите членови на Управниот одбор на ФФМ, а на потег е и Обвинителството кое мора да отвори истрага за начинот на кој Сејдини ги втурна фудбалерите но и сите граѓани во непотребна опасност која некого може да го чини и живот.