Македонија
14. October 2020 - 16:46

Корона вирусот го одложи рочиштето за „Таргет – Тврдина“

Мијалков со симптоми, адвокат во самоизолација.. Коронавирусот ги одложи судењата за Таргет-Тврдина и ТНТ. Екс директорот на УБК кој е обвинет за масовното прислушување, доцна синоќа го известил својот адвокат дека сопругата е заразена, а тој добил висока температура и сува кашлица.

„Од тие причини до судот доставив медицинска документација и известување за нејзината состојба и за состојбата на обвинетиот кој во вечерните часови од страна на медицинска екипа на Неуромедика бил соодветно третиран. Во текот на денешниот ден очекуваме тест и за неговата здравствена состојба за што дополнително ќе го известиме судот“, изјави Љупчо Шврговски, Адвокат на Сашо Мијалков.

Како оштетен од масовното прислушување денеска требаше да сведочи актуелниот министер за правда Бојан Маричиќ.

„Во својство на оштетен во предметот Таргет-Тврдина побарал да биде впишан и лидерот на партијата „Достоинство“, Стојанче Ангелов. Тој го информирал судот дека за него постојат 180 аудио записи во снимените телефонски разговори.“

Денеска не се одржа и судењето за уривањето на Космос. Адвокат на обвинетите кој бил во самоизолација, очекувал резултат од тестот за коронавирус.