Македонија
5. September 2020 - 16:42

Корона кризата ги затвори границите, тезгите во Ново Село останаа полни

Покрај здравствените, граѓаните секојдневно ги чувствуваат и економските последици од пандемијата со корона вирусот. Едни од најпогодените со корона кризата се пограничните региони. Меѓу првите  последиците од спуштените рампи на граничните премини  ги почувствува општина Ново Село која важи за шопинг дестинација на бугарските државјани од пограничните места. До пред седум месеци тие секојдневно доаѓаа тука, индивидуално, но и во организирани групи со автобуси. Ги посетуваа маркетите, пазарот, но и угостителските објекти.Граѓаните на Ново Село, но и пазарџиите велат дека прометот кај одредени производи паднал и за околу 80%.

Дека појавата на корона вирусот сериозно се почувствува и врз економијата во пограничните региони потврдуваат и од општина Ново Село. Градоначалникот Никола Андонов вели ова посебно било изразено во последните три до четири месеци, а прометот се намален за околу 40%. Дополнително влијание во овој негативен тренд имало и отсутвото на македонските иселеници кои поради целата ситуација годинава не дојдоа во родниот крај.

,,Ново Село е една од пограничните општини која имаше доста влијание на фрекфенцијата со границата. Еве сега можам да кажам дека овие три до четири месеци се чувствува многу. Можам да кажам дека прометот и движењето е намалено за околу 40%. Имавме доста посета како во туризмот, така и по пазарите во општина Ново Село од страна на бугарски граѓани. Исто така многу голем хендикеп ни е и тоа што поради пандемијата не дојдоа и нашите иселеници од странство,, - вели Никола Андонов Градоначалник на општина Ново Село. 

Оваа година, единствената светла точка за економијата во оваа мала општина бил зголемениот број на домашни туристи кои ги посетиле популарните водопади во Смоларе и Колешино, како и Мокринските извори. Но како што велат од општината, вкупната бројка на туристи што ги имале ова лето не може да се спореди во однос на минатите години.